Федералните резерви на САД(ФЕД) веројатно нема да ги намали каматните стапки барем во следните шест месеци, според најновата анкета на економистите спроведена од Ројтерс.
Според овие податоци, американската централна банка не треба да ја олабави монетарната политика додека порастот на цените на енергијата поради конфликтот на Блискиот Исток дополнително ја поттикнува инфлацијата.
Анкетата покажува дека остриот пораст на цените на горивата ја турна довербата на потрошувачите на рекордно ниско ниво, додека инвеститорите во голема мера се откажаа од очекувањата за непосредно намалување на каматните стапки.
Дури и во рамките на Федералните резерви, претпазливоста расте, а службениците кои претходно се залагаа за помека монетарна политика сега предупредуваат дека инфлацијата останува постојано висока.
Повеќето економисти сè уште очекуваат каматните стапки да се намалат барем еднаш пред крајот на годината, иако роковите за таков потег се поместени.
Според анкетата, 56 од 103 испитаници проценуваат дека референтната каматна стапка ќе остане во опсег од 3,50 до 3,75 проценти до крајот на септември.
Од друга страна, речиси една третина од аналитичарите веруваат дека нема да има промени на каматните стапки оваа година, што претставува значително зголемување во споредба со претходните анкети.
Економистите предупредуваат дека понатамошниот развој на ситуацијата на енергетскиот пазар и движењето на инфлацијата би можеле да бидат клучни фактори за идните одлуки на централната банка, со ризик продолжените инфлациски притисоци дополнително да го одложат намалувањето на каматните стапки.



