ПочетнаЕКОНОМИЈАВојната на Блискиот Исток ја зголемува цената и на кондомите

Војната на Блискиот Исток ја зголемува цената и на кондомите

Цените на кондомите би можеле да пораснат до 30 проценти или повеќе ако војната во Иран продолжи да го нарушува снабдувањето со суровини, според директорот на најголемиот производител на кондоми.

Директорот на „Карекс“, најголемиот светски производител на кондоми, вели дека фирмата би можела да ги зголеми цените до 30 проценти или повеќе ако војната во Иран продолжи да го нарушува снабдувањето со суровини.

Трошоците за производство нагло се зголемија од почетокот на американско-израелската војна против Иран на 28 февруари, изјави Го Миа Киат, извршен директор на „Карекс“, во интервјуа за „Ројтерс“ и „Блумберг“.

Малезиската компанија произведува повеќе од пет милијарди кондоми годишно и снабдува големи глобални брендови како што се „Дурекс“ и „Тројан“, како и владини здравствени системи како што е британската Национална здравствена служба.

Снабдувањето со нафта е значително нарушено низ целиот свет откако Иран започна со блокада на Ормутскиот теснец како одговор на нападите на САД и Израел.

Околу една петтина од суровата нафта и течниот природен гас во светот, како и други петрохемиски производи, минуваат низ овој тесен морски пат, широк 33 километри.

Производството на кондоми зависи од различни материјали, како што се амонијакот, кој се користи за зачувување на латексот, и силиконските лубриканти.

Побарувачката за кондоми се зголеми за околу 30 проценти оваа година, додека повисоките трошоци за транспорт и доцнењата во испораките придонесоа за зголемување на недостигот, според директорот на Карекс.

Погледнете го видеото за можното зголемување на цената на кондомите

„Во лоши времиња, потребата од употреба на кондоми е уште поголема бидејќи постои неизвесност за иднината, бидејќи не знаете дали ќе имате работа следната година“, изјави тој за Bloomberg.

„Ако имате бебе сега, ќе имате уште една уста за хранење“, додаде тој.

Порастот на цените на кондомите нагласува како војната меѓу САД и Израел со Иран, која веќе ги потресе глобалните енергетски пазари, влијае и на порастот на цените на другите производи.

Војната, исто така, придонесе за скок на цените на авионските билети, при што најевтините економски билети се во просек за 24 проценти поскапи отколку пред една година, според ново истражување.

Во исто време, прекините во пратките низ водите на Блискиот Исток доведоа до зголемување на цените на ѓубривата и недостиг на хелиум, кој се користи во производството на компјутерски чипови.

Индустријата за флаширана вода е исто така под притисок, бидејќи производителите имаат тешкотии во набавката на суровини.

Обединетите нации претходно овој месец предупредија дека цените на шеќерот, млечните производи и овошјето ќе се зголемат поради зголемените трошоци за транспорт.

Засега не е сигурно кога и како Америка и Израел ќе ја завршат војната против Иран.

Завојуваните страни постигнаа договор за двонеделен прекин на огнот на 8 април.

По првата рунда преговори меѓу Америка и Иран, во Пакистан не беше договорен траен мир, а втората рунда разговори во моментов е неизвесна.

На 21 април, американскиот претседател Доналд Трамп објави еднострана одлука за продолжување на прекинот на огнот, иако се закани дека ќе ја ескалира војната против Иран.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП