Минатата година специјален гостин на Саемот на книга беше германскиот автор на бестселери Себастијан Фицек, кој пристигна во Скопје по покана на издавачката куќа Сакам Книги. А оваа година големото изненадување за посетителите доаѓа од Италија, во името на Виола Ардоне – авторката на популарната книга „Возот за деца“ која веќе доби и своја Netflix адаптација.
Токму за новото издание на Саемот на книгата разговараме со Диме Спасев од издавачката куќа САКАМ КНИГИ, кој ќе ни каже нешто повеќе за програмата и за интересните активности што ќе се случуваат на штандот на Сакам Книги.
„Отвори прозорец кон нови светови“ е мотото на овогодинешното издание на Саемот на книга, кој уште еднаш ќе се одржи во арената Борис Трајковски во Скопје. Колку навистина книгите ни ги отвораат прозорците, или подобро кажано – очите, за нови светови, нови перспективи, нови знаења?
Книгите не само што ни ги отвораат очите, не само што ни ги менуваат гледиштата, туку нѐ менуваат и нас самите, го менуваат нашиот живот, го менуваат светот. Секоја напишана приказна – секоја страница, секој внимателно одбран збор – остава трага. И овде не зборувам само за безвременските класици кои имаат оставено вечен печат на светот, туку за секоја една книга што се чита и буди некое чувство во тебе, секоја една приказна што направила некој да се чувствува помалку осамено, секоја книга што кај читателот разбудила прашања за кои никогаш претходно не размислувал. Тоа е вистинската моќ на книгите. Да, тие ти покажуваат нови светови, но истовремено го менуваат и начинот на кој гледаме на овој свет во кој живееме. И тивко, речиси незабележливо, менуваат сѐ.

И оваа година се очекува масовна посетеност на Саемот, со неколку десетици илјади домашни и странски посетители, ученици, студенти и деца на претшколска возраст. Што ќе можат да видат посетителите на штандот на Сакам Книги?
Нашиот слоган оваа година гласи: „Среќата изгледа вака“. Па сигурен сум дека кога ќе пристигнат на Саемот, кога ќе дојдат на нашиот штанд и ќе разгледаат околу себе, тоа ќе биде токму она што ќе си го помислат: „Еве, среќата изгледа вака.“ А за таа среќа да биде комплетна, годинава имаме дури 15 саемски новитети за читатели од сите генерации и за љубители на различни жанрови: трилери, романси, историски драми, детска литература, популарна психологија за личен развој. Тука се секако и нашите претходни 400 изданија кои ќе бидат понудени по одлични саемски цени со големи попусти до 60%. Најголемата еуфорија во поглед на нови изданија годинава ни ја носи серијалот кој веќе две години буквално го тресе книжевниот свет: Четврто крило. Тука се и новитетите од мега популарната Фрида Мекфаден, Себастијан Фицек, Крис Картер, Кристин Хана, Вај Киленд и многу други. Од новите автори, кои ги издаваме за првпат специјално за овој саем, морам да ги издвојам книжевниот феномен Тео од Голден од Ален Ливај – книга за која имаше жестоки аукции во над 30 земји и продаде неколку милиони примероци ширум светот за само неколку месеци и Кревки нешта од Сузан Мајснер, прекрасна историска драма која ќе ги освои сите љубители на Сара Џио и Кристин Хана.
Веќе ја најавивте големата вест: специјална гостинка на овој Саем на книга ќе биде италијанската авторка Виола Ардоне, позната по нејзината книга „Возот за деца“. Како одлучивте да ја поканите и зошто изборот падна токму на неа?
Со оглед на тоа дека наш гостин лани беше Себастијан Фицек и искуството беше неверојатно, повторно целевме на таа европска енергија со светска популарност, но оваа година сакавме да раскажеме поинаква приказна. Па Виола Ардоне не беше само избор. Таа беше очигледниот избор.
Ардоне е една од најценетите и најпопуларните италијански авторки во моментот – нејзините книги се преведени на повеќе од 30 јазици, а нејзиниот најпознат роман, Возот со деца, има и своја филмска верзија на Нетфликс. Од сите 16 автори вклучени во нашиот проект Со љубов, од Европа, Виола Ардоне дефинитивно наиде на најдобар фидбек од македонските читатели. „Нескршливото срце на Олива Денаро“ и „Возот со деца“ веќе се продадени во неколку илјади примероци, а коментарите на читателите и дискусиите што ги отвораат овие книги се издвоија од сѐ останато бидејќи таа пишува на исклучително важни теми: жени кои пружаат отпор, деца кои преживуваат нешта кои не би требало да ги преживее никој, слобода за која мора да се бориме. И токму затоа што нејзините дела заслужуваат многу повеќе од обично потпишување, нема да запреме само на саемот. Виола ќе биде централен глас на уште еден убав настан во Синеплекс – овие теми заслужуваат бина, не само полица.




