ПочетнаЕКОНОМИЈАУЈП: Оданочувањето на доходот од странство не е нова обврска – се...

УЈП: Оданочувањето на доходот од странство не е нова обврска – се спроведува постојниот закон со можност за доброволно усогласување

Управата за јавни приходи (УЈП) денес ги појасни законската рамка, процедурите и тековните активности поврзани со оданочувањето на доходот остварен во странство, во контекст на актуелните реакции во јавноста.

Истакнуваме дека не станува збор за нова обврска, ниту за ретроактивно воведување на данок, туку за примена на постојни законски одредби кои важат повеќе години, велат од УЈП.

Обврската за пријавување на доход од странство постои континуирано. Она што се менува е начинот на обработка и користење на податоците кои ги добиваме од банките, кои сега системски се анализираат и вкрстуваат.

Во изминатиот период не постоела системска обработка на овие податоци добиени од банките, кои иако биле законски доставувани, не биле искористени за целите на оданочување. Ова е реалност, која денес ја коригираме. Како одговорна институција, имаме обврска податоците што ги добиваме да ги ставиме во функција на правично и законито оданочување, велат од УЈП.

Во втората половина на 2024 година започна обработката на податоците за приливи од странство, со нивно прочистување и вкрстување со поднесените даночни пријави. За 2020 година беа испратени 11.527 известувања до физички лица кај кои беше утврдено дека имаат приливи од странство кои според ознаките претставуваат оданочив доход.

По овие активности, 2.276 лица доброволно поднеле пресметки, додека за 3.637 лица УЈП утврди аконативна даночна обврска по службена должност. Во исто време, кај 5.614 лица беше утврдено дека станува збор за неoданочиви приливи, како што се приватни трансфери. Вкупно утврдениот данок за 2020 год. изнесува 171,6 милиони денари, од кои до сега се наплатени 30,4 милиони денари. Постапката за ова оданочување ќе продолжи со изготвување коригирани годишни даночни пријави за 2020 година.

Според податоците на банките, во 2025 година 70.869 граѓани примиле приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра. Секако дека не сите овие приливи се оданочиви. До сега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пресметки за остврен оданочив доход.

Како одговорна инстутуција, пристапот што го применувме не е репресивен, туку постепен. Не започнавме со казни или присилна наплата. Прво испративме известувања, организиравме средби и дадовме можност за доброволно усогласување. Ова е пристап што го сметаме за фер и одговорен, објаснуваат од УЈП.

Во однос на честите реакции во јавноста, напоменувме дека не може да има двојно оданочување, доколку се се спроведе пропишана процедура и се достави доказ дека данокот е платен во странство, согласно законот и меѓународните договори. Дополнително, денес сакаме да се осврнеме и на специфични случаи, како ангажманите на граѓани во странски мисии во Авганистан и Ирак и работата на студенти преку програми во странство. За дел од лицата ангажирани во странски мисии во 2020 година, по нивното тврдење дека платиле данок во странство, но поради временска дистанца не можат да обезбедат докази, УЈП излезе во пресрет и веќе е побарана проверка од странски администрации преку Министерството за надворешни работи за 257 лица, се вели во соопштението.

Во однос на студентите кои работеле во странство, нивни реакции се појавија по достава на известувањата за приливи во странсво во 2025 година, при тековниот процес на оданочување кој ќе се заокружи со генерирање на годишните даночни пријави за 2025 година до крајот на овој месец и нивното потврдување од граѓаните до 31 мај. По добивање на реакциите, според податоците од банките УЈП селектираше 134 млади лица родени после 2000 год. со кои се организирани директни средби за појаснување на обврските и можностите за плаќање. Воедно, одржавме состанок со преставници од Универзитетскиот сенат, разговаравме за можноста за плаќање на рати, обуки, информирање и сл.

Свесни сме дека дел од граѓаните денес се соочуваат со обврски кои не ги планирале, поради недоволна информираност и поради неспроведени процеси во УЈП во минатото. Затоа пристапуваме со разбирање и поддршка, но и со јасна обврска да го примениме законот, посочуваат од УЈП.

Не станува збор за воведување оданочување на посебни категории граѓани, туку за примена на закон кој важи за сите граѓани. Законот предвидува можност и обврска на УЈП за проверка на пријавените даноци во законски рок. Нашиот пристап не е репресивен, прво информираме и даваме можност за доброволно усогласување. Целта не е наплата на данок по секоја цена, туку обезбедување еднаков третман за сите и градење правичен даночен систем. УЈП не воведува нови правила, туку одговорни ги применува постојните закони. Ќе продолжиме со транспарентност, поддршка и отворена комуникација со медиумите и јавноста, се вели во соопштението.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП