Половни гуми за половина цена. Звучи како добар договор. Особено кога ќе ти дојде регистрација, па уште ако треба и нов сет гуми – удар по џебот. И тогаш почнува логиката: „зошто да давам 300 евра, кога можам за 120 да завршам работа?“
Само што кај гумите „завршена работа“ не значи исто што и кај други работи. Тука не купуваш само гума. Купуваш безбедност.
На пазарот за половни гуми има сè. Од речиси нови, извадени од автомобили од странство, до гуми што веќе го дале својот максимум, ама визуелно сè уште „личат“. На прв поглед – шара има, гумата не е пукната, цената е добра. Што може да тргне наопаку?
Многу работи.
Познавачи на автомобилската индустрија предупредуваат дека гумата старее дури и кога не се вози. Материјалот се суши, губи еластичност, а тоа значи послабо прилегање на асфалт. Особено на дожд. Тука веќе не станува збор за удобност, туку за метри кочење. И тие метри често се разликата меѓу „се извлече“ и „се удри“.
Има уште еден проблем што не се гледа со голо око. Внатрешни оштетувања. Гума може да изгледа сосема солидно однадвор, а внатре да има микропукнатини или оштетена структура од претходен удар во дупка или рабник. Возачот што ја продава – можеби ни самиот не знае. Купувачот – уште помалку.
Во пракса, најчесто се продаваат гуми со преостаната шара од 4 до 6 милиметри. Законски тоа е дозволено. Но, реално, тие веќе се на половина живот. А кај летните гуми, под 3 милиметри значително се губи перформансот на влажен коловоз. Кај зимските, уште порано.
Значи, прашањето не е само дали гумата е „употреблива“, туку колку долго ќе биде безбедна.
И тука доаѓа најчестиот аргумент – парите. Дел од возачите едноставно немаат избор. Нови гуми се луксуз. Половните се компромис.
„Подобро половни отколку ќелави“, ќе ти кажат многумина. И во право се. Но тоа не значи дека секоја половна гума е паметен избор.
Има ситуации кога половните гуми имаат смисла. Ако се од познат извор, релативно нови, со јасна година на производство и рамномерно трошење. Ако не се постари од пет-шест години. Ако не се лепени, не се „крпени“ на ризични места. И ако се купуваат како привремено решение, не како долгорочна инвестиција.
Проблемот е што пазарот не функционира секогаш така чисто. Многу гуми доаѓаат без историја. Без гаранција. Само со реченицата: „добри се, возени малку“.
А гумата не простува импровизација.
Дополнителен ризик е и мешањето различни гуми на исто возило. Често возачите купуваат две половни за напред, а назад оставаат што имаат. Различна шара, различна тврдина, различно однесување на пат. Автомобилот станува непредвидлив. Особено во кривина или при нагло кочење.
Има и уште една замка што ретко се спомнува – психолошката. Кога ќе купиш половна гума, несвесно ја возиш „до крај“. Сакаш да ја искористиш до максимум. А тој максимум често е веќе поминат.
Во сервисите ќе ти кажат едноставно: гумата е единствениот контакт меѓу автомобилот и патот. Сè што имаш – мотор, кочници, електроника – на крај зависи од четири парчиња гума. Ако тие се компромис, сè друго е компромис.
Не значи дека половните гуми се секогаш лош избор. Ама не се ни секогаш паметен.
Повеќе се лотарија отколку сигурна заштеда.
И кога ќе се стави на вага – неколку десетици евра заштеда наспроти ризик на пат… одлуката не изгледа веќе толку едноставна.
Б.З.М.



