Вселенското летало Артемис II успешно се врати на Земјата по 10-дневна мисија која ги однесе астронаутите подалеку од кој било човек досега.
Артемис безбедно падна во Тихиот Океан, недалеку од брегот на Калифорнија, навечер, по американско време, со што заврши едно од најризичните и најважните патувања на современото вселенско доба.
Капсулата Орион слета во морето покрај Сан Диего во 20:07 часот по источно време, точно според распоредот. Четиричлениот екипаж – Рид Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох од НАСА, како и Џереми Хансен од Канадската вселенска агенција – набрзо беа евакуирани и префрлени на брод на американската морнарица, каде што започнаа медицинските прегледи.
„Какво патување. Стабилно сме. Сите четири члена на екипажот се добро“, рече командантот на мисијата Вајсман кратко по слетувањето.
Мисијата Артемис II беше поздравена како голем успех и клучен чекор кон враќањето на луѓето на површината на Месечината. Како што истакнуваат претставници на НАСА, овој лет го отвори патот за последователни мисии што треба да вклучуваат слетување на Месечината во наредните години, пишува CNN.
За време на враќањето низ Земјината атмосфера, вселенското летало Орион беше изложено на екстремни температури што достигнаа до 2.760 степени Целзиусови. Иако имаше одреден ризик поради позната техничка грешка во топлинскиот штит, капсулата преживеа без видливи оштетувања.
Welcome home Reid, Victor, Christina, and Jeremy! 🫶
— NASA (@NASA) April 11, 2026
The Artemis II astronauts have splashed down at 8:07pm ET (0007 UTC April 11), bringing their historic 10-day mission around the Moon to an end. pic.twitter.com/1yjAgHEOYl
Во наредните денови, екипажот ќе помине низ серија медицински и физички тестови за да се процени како телото се прилагодува на враќањето на Земјината гравитација откако беше во бестежинска состојба. Исто така, се планира да се префрлат во Хјустон, каде што ќе бидат повторно обединети со своите семејства.
За време на десетдневниот лет, астронаутите ја обиколија далечната страна на Месечината и патуваа повеќе од 700.000 милји, достигнувајќи брзина од речиси 40.000 километри на час. Според податоците на НАСА, мисијата постигна исклучителна прецизност при влегувањето во атмосферата и слетувањето, со отстапување од помалку од еден километар од планираната точка.
Покрај техничките достигнувања, мисијата беше обележана и со симболични моменти. Меѓу другото, екипажот предложи имиња за два нови кратери на Месечината – еден по вселенското летало Орион („Интегритет“), а другиот во чест на починатата сопруга на командантот Вајсман.
Артемис II претставува прво човечко патување во длабоката вселена по повеќе од половина век и директно се надоградува на наследството од програмата Аполо. Според НАСА, овој успех не е само технолошки подвиг, туку и најава за нова фаза од истражувањето на вселената.
Иако се појавија технички проблеми за време на мисијата – вклучувајќи неколкудневни тешкотии со системот за отстранување на отпад – тие не ја загрозија безбедноста на екипажот или текот на мисијата.
Слетувањето во Тихиот Океан беше поздравено со аплауз во контролниот центар во Хјустон, додека граѓаните низ Калифорнија го гледаа во живо повторното влегување на капсулата низ атмосферата.
За НАСА и меѓународните партнери, Артемис II е повеќе од успешна мисија – тоа е потврда дека враќањето на човекот на Месечината, по повеќе од 50 години, е повторно на дофат.



