ПочетнаЕКОНОМИЈА522 милиони евра промет направиле македонските онлајн продавници во 2025 година!

522 милиони евра промет направиле македонските онлајн продавници во 2025 година!

Е-трговијата во Македонија продолжува со силен раст – 950 милиони евра во 2025. Најновиот извештај на Асоцијацијата за е-трговија покажува дека кон македонските е-трговци лани се слеале 522 милиони евра. Може да се забележи дека вредноста и бројот на вкупните онлајн трансакции направени од Македонци кон домашни и странски е-трговци, како и од иматели на странски картички кон македонски е-трговци има забележителен раст.

Податоците од извештајот велат дека остварена е вкупна вредност од 58,408.8 милиони денари или 950 милиони евра, што преставува пораст од 32% во однос на 2024 година.

Вредноста остварена од домашни иматели на платежни картички кон домашни е-трговци изнесува 28,888.3 милиони денари или 470 милиони евра што преставува пораст од 21% во однос на минатата година. Кон домашните трговци се слеале уште 52 милиони евра од странски иматели на картички што претставува пораст од 40% во однос на 2024 година, што значи кон домашните е-трговци се слеала вредност од 522 милиони евра. Сепак, најдинамичен раст се забележува кај вредноста која Македонците со своите картички ја направиле кон странски е-трговци во износ од 26,312.1 милиони денари или 428 милиони евра што преставува пораст од 45% во однос на истиот период минатата година.

„Бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 28.9 милиони, односно е за 32% повеќе во однос на 2024 година. Најизразен пораст повторно се забележува кај домашните картички кон странски е-трговци, со раст од дури 61%, што укажува на зголемена фреквенција на онлајн купувања, најчесто со пониска поединечна вредност. Бројот на трансакции кај домашните е-трговци исто така расте, но со поумерено темпо односно остварени се 15 милиони трансакции што претставува пораст од 14% во однос на истиот период минатата година, додека странските иматели на картички кон домашните е-трговци оствариле 2 милиона трансакции односно пораст од 39% во однос на минатата година“, стои во извештајот.

Во однос на просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2025 година таа изнесува скоро 33 евра и е еднаква како и минатата година. Нерамномерниот пораст на вкупната вредност и бројот на онлајн трансакциите јасно се рефлектира и во просечниот износ по трансакција. Имено просечната вредност остварена за купување со македонски картички од странски е-трговци се намалила за 10% и изнесува 34 евра, додека кај имателите на домашни картички кон домашните е-трговци се зголемила за 6% и изнесува 32 евра, а странските иматели кон домашните е-трговци исто така ја зголемиле вредноста за 1% и изнесува 31 евро.

Во 2025 година, согласно подaтоците на Народната банка има вкупно 1,829 трговци со виртуелни места на продажба, но активни е-продажни места се 1396 односно 84 повеќе во однос на минатата година.

“Податоците за 2025 година јасно потврдуваат дека е-трговијата во Северна Македонија продолжува да бележи силен и динамичен раст. Особено значаен е порастот од 32% во вкупната вредност на онлајн трансакциите, што укажува на зголемена доверба на граѓаните во дигиталните канали за купување, но и на постепена зрелост на пазарот. Во оваа насока, позитивен сигнал е и растот на бројот на активни е-продажни места, кои во во 2025 година се за 84 повеќе во однос на претходната година, придонесувајќи за збогатување на понудата и поголема достапност на производи и услуги за потрошувачите. Сепак, особено внимание заслужува фактот што највисок раст се бележи кај трансакциите кон странски е-трговци, што упатува на зголемен одлив на средства од домашната економија и промена во структурата на онлајн трговијата во корист на странските платформи. Доколку во 2024 година кон домашните е-трговци се слеваа 59% од вкупната вредност и 64% од бројот на трансакциите, во 2025 година тој удел се намалува на 55% од вредноста и 57% од бројот на трансакциите. Асоцијацијата за е- трговија и минатата година со своите активности придонесе за проширување и зајакнување на понудата во е-трговија, унапредување на дигиталните вештини, намалување на сивата економија и зајакнување на довербата во онлајн купувањето. Преку активности како што е регистарот на е-трговци, беџот за верификувани е-трговци и информативно-едукативните кампањи за јавноста влијаеме на поголема информираност,
свесност и само-заштита на граѓаните со што придонесување и за унапредување на страната на побарувачката” – вели Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р. Нина Ангеловска Станков.

Асоцијацијата за е-трговија има регистар на е-трговци, кој претставува единствен регистар на онлајн продажни места кој се обновува во соработка со 5-те банки кои нудат процесирање на е-трансакции.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП