Буџетските трансфери за пензии достигнаа 690 милиони евра во 2024 година, а во 2025 година овие трансфери се очекува да го надминат наведениот износ. Стратегијата за стари лица е истечена пред повеќе од пет години, услугите за долготрајна нега се достапни за помалку од 1 отсто од постарите лица, што упатува на сеопфатни системски реформи. Постои ризик од зголемување на социјалната исклученост и дополнително оптоварување на јавните финансии во наредните децении.
Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2025 година изврши ревизија на успешност на тема „Стареење на населението“.
Ревизијата е спроведена како дел од меѓународната ревизија на успешност координирана од Врховната ревизорска институција на Израел, со учество на Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија и Врховните ревизорски институции на Република Албанија, Република Чешка, Република Литванија, Република Малта, Република Парагвај, Република Полска, Република Португалија и Република Словачка. Со ревизијата е опфатен периодот од 2014 до јуни 2024 година, со цел да се даде одговор на прашањето во врска со мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции во Република Северна Македонија околу грижата за старите лица на возраст над 65 години и одржливоста на пензиските фондови во земјата, а поврзано со забрзаното стареење на населението во земјата.
Со спроведената ревизија стекнавме разумно уверување дека иако надлежните институции имаат преземено мерки и активности, не е обезбедена целосна и соодветна грижа за старите лица над 65 години и за управувањето и одржливоста на пензискиот систем во услови на забрзано стареење на населението.
Преземените мерки и активности од надлежните институции не се доволни за одржливост на среден и долг рок, односно не се преземени потребните системски мерки за намалување на брзото демографско стареење на населението и зголемените притисоци врз јавните финансии. Иако пензискиот систем димензиониран во три столба, обезбедува редовна исплата на пензии, неговата фактичка одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниската стапка на придонеси, како и зголемувањата на пензиите кои не се засновани на раст на платите, вработеноста и придонесите. Иако пензиите се исплаќаат навремено, тоа се постигнува со растечки буџетски трансфери и со одложување на потребните структурни реформи.
Инвестициските портфолија на задолжителните пензиски фондови се концентрирани во домашни државни обврзници што го ограничува приносот на пласираните средства поради ефектот на инфлацијата.
Покрај усвојувањето на повеќе стратешки документи, нивната имплементација не е на задоволително ниво. По истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата нема донесено сеопфатен стратешки документ исклучиво посветен на старата популација. Услугите за старите лица се ограничени, услугата помош во домот е достапна за помалку од 1% од лицата над 65 години, а воопшто не е воспоставена во 31 општина. Доминантен дел од грижата и натаму припаѓа на неформалниот сектор и на семејствата.
Демографските проекции за нашата држава се негативни односно учеството на лицата над 65 години ќе се искачи на над 34% до 2055 година , бројот на лица над 80 години ќе се зголеми повеќе од шест пати во однос на состојбата во 2024 година, додека работоспособното население ќе се намали за речиси половина милион лица, што дополнително ќе ги засили притисоците врз јавните финансии. Како резултат на наведеното потребен е сеопфатен, меѓуресорски ангажман со јасни рокови, финансирање и разграничување на должностите за постапување.
Навремените и координирани структурни реформи би придонеле за намалување на ризиците односно системот за пензиска и социјална заштита да може соодветно да одговори на забрзаното стареење на населението.
Извештајот од извршената ревизија на Државниот завод за ревизија, кој детално ги анализира состојбите во пензискиот систем, демографските трендови и капацитетите за долготрајна нега на лицата над 65 години покажува дека пензискиот систем во Република Северна Македонија се соочува со сериозни предизвици за одржливост, а грижата за старите лица останува недоволно развиена и нефункционална во услови на брзо демографско стареење.
Првиот столб на пензискиот систем кој е организиран на солидарна основа континуирано работи со негативно финансиско салдо. Расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, а разликата се покрива со трансфери од Централниот буџет на државата. Во периодот од 2014 до 2024 година, учеството на буџетските средства во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се движи помеѓу 32,6% и 43,6%. Во 2024 година трансферите од Централниот буџет достигнуваат 42.474 милиони денари (приближно 690,6 милиони евра). Проекциите за крајот на 2025 година укажуваат на дополнително зголемување на трансферите, што претставува значителен фискален ризик за државниот буџет.
Усогласувањето на пензиите се врши според Швајцарскиот модел, што овозможува континуиран раст на просечната пензија за анализираниот период 2015–2025 година. Во текот на 2024 и 2025 година висината на пензиите се зголемија линеарно неколку пати што не е проследено со зголемување на платите на осигурениците и



