Италија очекува Европската Унија (ЕУ) да разгледа ублажување на правилата за буџетски дефицит доколку војната меѓу САД и Израел со Иран продолжи, изјави италијанскиот министер за економија Џанкарло Џорџети.
Тој им рече на новинарите дека кабинетот одобрил декрет со кој се издвојуваат околу 500 милиони евра за продолжување до 1-ви мај 2026-та година на намалувањето на акцизите за горивата во обид да се стабилизираат цените. Италија ги намали акцизните стапки во март како дел од поширок пакет мерки дизајнирани да се спротивстават на зголемувањето на цените на енергијата.
Владата на премиерката Џорџа Мелони, исто така, ги намали даноците на течниот нафтен гас, побара од нафтените компании да го ограничат зголемувањето на цените на бензинските пумпи и го продолжи рокот за постепено укинување на јагленот до 2038-ма година како одговор на војната што започна на 28-ми февруари.
„Јасно е дека доколку ситуацијата не се промени, дискусиите на европско ниво ќе бидат неизбежни“, рече Џорџети, како одговор на прашањето дали Италија ќе ја повика ЕУ да ги олабави правилата што ги ограничуваат буџетските дефицити на 3% од националниот бруто домашен производ (БДП).
„Го изразив ова мислење на самиот почеток на конфликтот, го повторив на состанокот на министрите за финансии на еврозоната и ќе го правам тоа на секој меѓународен форум на кој присуствувам“, рече Џорџети.
Неговите забелешки сугерираат дека Италија можеби нема да може да го намали својот дефицит на 2,8% од БДП оваа година од 3,1% во 2025-та година, како што беше планирано, поради послабиот раст што се очекува во услови на зголемување на цените на енергијата.
Според извори, Рим размислува да ја намали прогнозата за раст на БДП-то во оваа година на 0,5% или 0,6% од сегашната прогноза од 0,7% и да ги намали изгледите за економијата следната година на 0,7% од 0,8%. Позначајни ревизии надолу не можат да се исклучат со оглед на влошувањето на меѓународните изгледи, додадоа изворите на агенцијата.
ЕУ ја активираше „општа клаузула за бегство“ помеѓу 2020-та и 2023-та година за да ги суспендира буџетските правила и да им овозможи на земјите-членки да одговорат на пандемијата Ковид-19.
Клаузулата не е во сила од 2024-та година, а Италија во моментов е предмет на прекршочна постапка поради нејзиниот прекумерен дефицит. Постапката го намалува просторот за маневрирање на земјите во даночните и трошечките политики.
„Прашањето колку долго ќе трае конфликтот, за жал, ќе има последици и за монетарната и за фискалната политика во засегнатите земји“, рече италијанскиот министер за економија.
Членот на Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ), Фабио Панета, во четвртокот изјави дека тензиите на енергетските пазари се причина за загриженост поради нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.



