Влегуваш во ГТЦ и прво што го гледаш не е гужва, првото што го слушаш не е музика од дуќаните, туку – звук на капки од дождновница. Вода што удира по плочките, како да си влегол во некој запуштен подрум, а не во трговски центар во срцето на Скопје.
На неколку места таванот е буквално отворен. Панелите висат, а од нив се слева вода. Под нив – кофи, канти, импровизирани садови. Вработените веќе не реагираат панично. Навикнати се. Само ја менуваат кофата кога ќе се наполни.
„Кога врне надвор, кај нас врне внатре“, вели еден продавач во дуќан за облека. „Секој ден чистиме, бришеме, ставаме кофи. Никој ништо не поправа“.

Мириса на влага. Подот е лизгав. Плочките – на места испукани, на места подигнати. На некои делови дури и недостасуваат, па чекорот мора да биде внимателен, како да се движиш по терен што може да те изневери секој момент.

Дуќаните – многу од нив затворени. На излозите залепени листови: „се издава“, „се продава“. Некои стојат празни со месеци, можеби и години. Пластични кукли без облека, прашина по стаклата, празни полици.

„Нема промет. Луѓето доаѓаат, гледаат и си одат. Кој ќе купува во вакви услови?“ додава друга вработена. „А киријата си тече“.
Ескалаторите – дел од нив не работат. Лифтовите – уште помалку. Луѓето се качуваат по скали, некои се откажуваат уште на првиот кат.
А вистинската слика се отвора погоре.

Вториот кат е како сцена од напуштен објект. Тишина, празнина и распаѓање.

Таваните и тука прокапуваат. На некои места водата се слева по ѕидовите, оставајќи темни траги. Светлината е бледа, атмосферата – тежок спој на запуштеност и заборав.

„Ова е хорор, искрено“, вели еден сопственик на дуќан на вториот кат. „Ние плаќаме да работиме во вакви услови. Ако не си сам газда, одамна ќе си заминеш“.

ГТЦ, кој со децении беше симбол на градскиот живот, денес личи на објект што тивко пропаѓа пред очите на сите. Не одеднаш, туку бавно, капка по капка – исто како водата што паѓа од таванот.



Б.З.М.



