Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја објави можноста за непосреден крај на воената операција против Иран, нагласувајќи дека американските сили би можеле да бидат повлечени во следните неколку недели.
Неговите изјави доаѓаат во време на зголемени тензии на Блискиот Исток и сериозни нарушувања на глобалниот енергетски пазар, додека ситуацијата околу Ормутскиот теснец е дополнително комплицирана.
Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави би можеле да ја завршат воената операција против Иран во рок од две до три недели и рече дека Ормутскиот теснец, кој беше блокиран од Иран, повеќе не е одговорност на Соединетите Држави.
„Наскоро ќе си заминеме“, им рече тој на новинарите во Овалната соба на Белата куќа, додавајќи дека повлекувањето би можело да се случи „за две недели, можеби две, можеби три“.
Ова е неговата најјасна порака досега дека планира да го заврши едномесечниот конфликт што го дестабилизираше Блискиот Исток и ги наруши глобалните енергетски пазари. Трамп, исто така, нагласи дека Иран не мора да постигне договор со Вашингтон за да го заврши конфликтот.
„Иран не мора да склучува никаков договор, не“, рече тој, одговарајќи на прашање од новинар. Како услов за прекин на операцијата, тој изјави дека Иран мора да биде „целосно онеспособен“ кога станува збор за развој на нуклеарно оружје.
„Тогаш ќе си заминеме“, додаде тој.
Трамп, исто така, рече дека Соединетите Американски Држави повеќе нема да обезбедуваат стабилност во Ормутскиот теснец за други земји.
„Ако Франција или која било друга земја сака своја нафта или гас, нека оди директно во Ормутскиот теснец и нека се грижи сама за себе. Мислам дека тоа ќе биде безбедно место, но ние повеќе немаме никаква врска со тоа“, рече тој.
Тој веќе истакна дека САД повеќе нема да им помагаат на земјите што зависат од овој стратешки премин, кој Иран го блокираше на почетокот на конфликтот.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, објави дека Трамп ќе се обрати до нацијата во среда навечер, 1 април, кога ќе презентира нови информации за ситуацијата со Иран.
Во меѓувреме, иранските претставници испратија силни пораки. Претседателот на Комитетот за национална безбедност на иранскиот парламент, Ебрахим Азизи, изјави дека Ормускиот теснец ќе биде повторно отворен – но не за САД.
„Ормускиот теснец сигурно ќе биде повторно отворен, но не за вас. Ќе биде отворен за оние кои ги почитуваат новите закони на Иран“, рече Азизи, додавајќи дека „47 години гостопримство се завршени засекогаш“, алудирајќи на периодот по револуцијата во Иран во 1979 година.
Тој дополнително провоцираше велејќи дека Трамп „конечно го остварил својот сон за промена на режимот – но во поморскиот режим на регионот“.
Во исто време, Комитетот за национална безбедност на Иран одобри план за воведување патарини за бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец, според новинската агенција Фарс.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека крајот на конфликтот е на повидок.
„Ја гледаме целта. Не е денес, не е утре, но доаѓа“, рече Рубио, додавајќи дека се разменуваат пораки меѓу Вашингтон и Техеран и дека постои можност за директна средба.
Тој исто така нагласи дека во моментов ниту една земја не му помага на Иран на начин што би можел да ја загрози американската мисија, но предупреди дека по војната, САД би можеле да ги преиспитаат односите со НАТО.
„Ќе мора да размислиме дали овој сојуз продолжува да ја служи својата цел или станал еднонасочен, каде што Америка ја брани Европа, а сојузниците ни ја негираат поддршката кога ни е потребна“, заклучи Рубио.



