Суптилните знаци на депресија често се појавуваат долго пред состојбата да стане сериозна и да се развие во длабока емоционална криза. Потиснувањето на сопствените потреби, намалувањето на личната вредност и долготрајната внатрешна исцрпеност можат да останат непрепознаени со години.
Дури подоцна станува јасно дека токму овие рани сигнали можеле да предупредат за период на тешка депресија и да спречат долго закрепнување и губење важни години од животот, пишува „YourTango“.
Веќе немате мислење за ништо
Понекогаш е нормално да немате цврсто мислење за тоа што да правите или каде да одите. Но ако тоа станало правило, а не исклучок, може да биде еден од суптилните знаци на депресија. Самото потекло на зборот „депресија“ означува потиснување – односно задушување на сопствениот израз. Често причината е стравот од отфрлање. Можеби се плашиме дека на другите нема да им се допаднат нашите ставови, па одлучуваме да молчиме.
Студија од 2024-та година објавена во „Australian & New Zealand Journal of Psychology“ покажува дека самопотиснувањето е поврзано со депресија низ културите и половите, при што двете состојби се зајакнуваат со текот на времето. Колку повеќе се воздржувате, толку потешко е луѓето околу вас вистински да ве запознаат.
Не ви е гајле за она што порано ви беше важно
Кажувањето „Не ми е гајле“ е слично на немањето мислење, но вклучува и потиснување на сопствените чувства. Понекогаш навистина немаме преференции, но кога ги имаме, а сепак велиме „не ми е гајле“, всушност ги игнорираме сопствените потреби.
Ова испраќа порака дека не сме важни и дека нашите желби немаат значење. Можеби избегнуваме конфликт, но на тој начин создаваме внатрешен конфликт. Според клиничкиот социјален работник Керол Фројнд, луѓето со депресија често го губат контактот со својот внатрешен глас и го опишуваат како „јаз меѓу она што го чувствуваат и она што свесно го прифаќаат“.
Веќе не знаете што навистина сакате
Оваа изјава може да звучи искрено, но често е последица на неможноста да се препознаат сопствените желби. Внатрешниот конфликт започнува уште во детството, кога учиме да ги делиме желбите на „добри“ и „лоши“. Од страв да не бидеме осудени, дел од нив ги оттурнуваме толку длабоко што престануваме да ги слушаме.
Истражување на Стенфорд Универзитет од 2023-та година покажало дека околу 27 проценти од луѓето со депресија имаат намалена активност во делови од мозокот одговорни за планирање, поставување цели и донесување одлуки. Кога овие функции се ослабени, желбите изгледаат недостижни, а човекот мисли дека не знае што сака.
Сè почнува да се чувствува бесмислено
Чувството на бесцелност е уште еден суптилен знак. Без силни мислења, емоции и желби, почнуваме да веруваме дека немаме јасна цел. Истражувања со адолесценти со депресија покажуваат дека многумина го опишуваат животот како „автопилот“ или „механичко извршување на обврски“, како да го набљудуваат од страна.
Комуникацијата е клучна за квалитетен живот. Важно е не само да комуницираме со другите, туку и со самите себе. Кога не ги изразуваме мислите, емоциите и желбите, се зголемува ризикот од депресија. Невозможно е истовремено да се изразуваме и да се потиснуваме – изборот меѓу двете е клучен.



