Годишната инфлација во Еврозоната, според прелиминарната „кратка“ проценка, се зголеми во март од 1,9 проценти во февруари на 2,5 проценти, објави денес Евростат.
Зголемувањето на инфлацијата е првенствено резултат на силниот скок на цените на енергијата, кои пораснаа за 4,9 проценти на годишна основа во март, откако во февруари паднаа за 3,1 процент.
Цените на услугите забележаа раст од 3,2 проценти на годишно ниво, што е мало забавување во споредба со 3,4 проценти во претходниот месец.
Инфлацијата во категоријата храна, алкохол и тутун изнесуваше 2,4 проценти, нешто помалку отколку во февруари кога изнесуваше 2,5 проценти.
Индустриските производи освен енергијата забележаа најмал раст на цените, од само 0,5 проценти, што е исто така пад во споредба со 0,7 проценти во февруари.
Ако ги погледнеме најголемите економии на Еврозоната, ќе заклучиме дека инфлацијата мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) се зголемила во Германија, од два проценти на 2,8 проценти, во Франција, од 1,1 процент на 1,9 проценти, во Шпанија, од 2,5 проценти на 3,3 проценти, додека во Италија била стабилна на 1,5 проценти, според веб-страницата на Евростат.



