Ново истражување покажува дека начинот на исхрана MIND може да има значаен ефект врз зачувувањето на мозочните функции, па дури и да го забави стареењето на мозокот за околу две и пол години.
Во студија во која учествувале повеќе од 1.600 испитаници на средна и постара возраст, било забележано дека луѓето кои јадат според овој режим губат помалку мозочно ткиво со текот на времето.
Поточно, позитивен ефект бил забележан врз сивата материја, која игра клучна улога во размислувањето, меморијата и донесувањето одлуки. Исто така, кај тие испитаници е забележано помало ширење на мозочните комори, што се смета за еден од индикаторите за влошување на мозочното ткиво.
Учесниците биле следени повеќе од една деценија, а оние кои најдоследно ја следеле оваа исхрана имале промени што одговарале на побавно стареење на мозокот за неколку години.
Што значи овој начин на исхрана?
Mind исхраната става акцент на храна богата со антиоксиданси, како што се бобинки, како и на квалитетни извори на протеини, како што е живината. Оваа диета може да го намали оксидативниот стрес и да ги заштити нервните клетки од оштетување.
Од друга страна, се препорачува да се избегнува пржена храна и нездрави масти, бидејќи тие можат да стимулираат воспалителни процеси и негативно да влијаат на крвните садови.
Комбинација од две познати диети
Оваа исхрана е комбинација од медитеранската диета и диетата Даш. Првата се базира на внес на овошје, зеленчук, јаткасти плодови и риба, со минимална количина црвено месо, додека втората е насочена кон регулирање на крвниот притисок преку избалансирана и нутритивно богата храна.
Mind исхраната ги комбинира најдобрите од двата пристапа, со дополнителни правила насочени кон зачувување на менталните способности и намалување на ризикот од деменција.
Колку повеќе се придржувате – толку е поголем ефектот
Во истражувањето, учесниците не морале строго да следат одреден план на исхрана, туку биле оценети според тоа колку нивните навики биле слични на Mind исхраната. Резултатите покажале дека оние кои биле поблиски до неа имале поизразени позитивни ефекти врз мозокот.
Сепак, научниците нагласуваат дека овие податоци не докажуваат директна причинско-последична врска, бидејќи други фактори како што се спиењето, генетиката и начинот на живот влијаат на здравјето на мозокот.
Интересни резултати и понатамошни истражувања
Студијата донесе и некои изненадувања, на пример, интегралните житарки се поврзани со побрзо намалување на сивата маса, додека консумирањето сирење во одредени случаи покажа спротивен ефект, иако вообичаено се препорачува умерен внес на оваа храна.
И покрај овие разлики, заклучокот од истражувањето е јасен, исхраната игра важна улога во одржувањето на здравјето на мозокот и може да влијае на ризикот од болести како што се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.
Исхраната како можна заштита
Како што се зголемува бројот на постари лица во светот, а со тоа и фреквенцијата на невродегенеративни заболувања, научниците истакнуваат дека правилната исхрана би можела да биде едноставен и достапен начин за превенција.
Затоа, се очекува дека идните истражувања подетално ќе испитаат како одредени модели на исхрана влијаат на мозокот, со цел да се развијат препораки што ќе помогнат во зачувувањето на менталното здравје во текот на годините, објавува sciencealert.



