Не мора повеќе да имаш пријател што „ќе го земе твоето старо палто ако тебе ти е мало“. Доволно е телефон, неколку фотографии и малку трпение. И работите што до вчера стоеле во ќош, собирале прашина или завршувале во контејнер – денес добиваат цена. И тоа не симболична. Реална.
Онлајн бувљаците тивко, ама сигурно ја сменија навиката на купување и продавање. Стара јакна, чевли што не се носат веќе, па дури и долна облека што некој ја купил, а никогаш не ја облекол – сè си наоѓа купувач. Прашање е само како ќе го спакуваш огласот.
Еднаш беше срамота да кажеш дека носиш нешто половно. Денес, тоа е практично. Понекогаш и паметно. Луѓето не се врзуваат толку за новото колку за добрата зделка. А и парите не се истите како пред неколку години.
На социјалните мрежи, групите за продажба никнуваат како печурки. Во нив, секојдневно се појавуваат десетици, па и стотици нови огласи. Некој продава детски колички што се користени неколку месеци. Друг нуди мебел што „само стоел“. Трет – козметика, отворена еднаш, „само пробана“.
Познавачи велат дека границата меѓу ново и половно веќе не е толку јасна. Производ купен вчера, денес веќе се продава по пониска цена. Не затоа што е расипан. Туку затоа што на некој едноставно не му одговара.
Интересно е што се продава и нешто што порано се сметаше за лична работа. Козметика, на пример. Сенки, парфеми што не „легнале“ на кожа. Некој би рекол дека е нехигиенски. Друг ќе одговори – ако е речиси ново и евтино, зошто да не.
И тука почнува судирот. Едни гледаат шанса да заштедат. Други гледаат ризик. Особено кога станува збор за производи што доаѓаат во директен контакт со кожа.
Но факт е дека побарувачка има. И тоа расте.
Во време кога секој ден нешто поскапува, луѓето бараат алтернатива. Половните работи стануваат логичен избор. Наместо нова јакна од 5.000 денари, некој ќе купи половна за 1.500. Наместо нов телефон, ќе земе користен, со мала разлика, ама со голема заштеда.
Експерти за потрошувачки навики забележуваат дека ова не е само тренд на сиромаштија. Дел од купувачите имаат пари, но избираат поинаку. Не сакаат да плаќаат повеќе ако можат да поминат поевтино. Прашање на логика, велат.
Во исто време, за продавачите ова е мал, но сигурен извор на приход. Гардероба што не се носи се претвора во пари. Стари книги добиваат нов читател. Дури и апарати што стоеле во кутија – некој ги бара.
Има и друга страна. Не сите огласи се искрени. Сликите понекогаш лажат. „Како ново“ знае да значи нешто сосема друго кога ќе стигне пакетот. Купувачите учат на потешкиот начин. Бараат дополнителни фотографии. Некои дури инсистираат на средба во живо.
Онлајн буљвљаците не се само пазар. Тие се и мала сцена на доверба. Или недоверба.
Сепак, движењето не запира. Напротив. Се шири.
Има нешто малку и носталгично во целата приказна. Потсетува на старите пазарчиња, каде што луѓето шетаа меѓу тезги, преговараа, се ценкаа. Само што сега тоа се случува на екран. Без гужва. Без викотници. Со порака во инбокс.
И можеби токму затоа функционира. Брзо е. Лесно. Достапно за секого.
А дома, во плакарите, фиоките и подрумите – има уште многу работи што чекаат своја втора шанса.
Б.З.М.



