Американскиот претседател Доналд Трамп денес се закани со целосно уништување на иранската енергетска инфраструктура, островот Харг и постројките за десалинизација, во случај „новото“ иранско раководство и САД да не постигнат договор за повторно отворање на Ормутскиот теснец.
„САД се во сериозни преговори со новиот, поразумен режим на Иран за прекин на нашите воени операции. Постигнат е голем напредок, но ако од која било причина не се постигне договор наскоро, што веројатно ќе биде, и ако Ормутскиот теснец не се отвори веднаш за работа, ќе го завршиме нашиот „убав престој“ во Иран со разнесување и целосно уништување на сите нивни електрани, нафтени бунари и островот Харг, а можеби и сите постројки за десалинизација, кои намерно сè уште не сме ги допреле“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth social.
Според него, тоа ќе биде одмазда за американските војници кои загинаа за време на 47-те години „владеење на теророт“ на стариот ирански режим.
Трамп претходно изјави за Фајненшл тајмс дека Иран ќе пушти 20 танкери за нафта низ Ормутскиот теснец почнувајќи од денес и ќе продолжи да го прави тоа во текот на следните неколку дена.
Тој рече дека Иран дозволил 10 танкери за нафта со пакистанско знаме да поминат низ Ормутскиот теснец како „подарок“ за Белата куќа, а тој број сега се дуплирал на 20.
„Ни дадоа 10. Сега даваат 20, а тие 20 веќе почнаа и одат директно низ центарот на теснецот“, рече Трамп.
Тој објасни дека овие дополнителни танкери биле одобрени од претседателот на иранскиот парламент и еден од врвните воени лидери во земјата, Мохамед Багер Калибаф.
„Тој е оној што ме овласти да ги испратам бродовите. Се сеќавате ли кога реков дека ми даваат подарок? И сите прашаа „Што е подарокот?“. Кога слушнаа за тоа, молчеа и преговорите одат многу добро“, рече Трамп.
Тој исто така додаде дека сака да „ја земе нафтата на Иран“ и дека САД би можеле да го заземат главниот горивен центар на земјата, островот Харг. На прашањето дали може да се постигне договор за прекин на огнот во наредните денови за повторно отворање на Ормутскиот теснец, Трамп одби да даде конкретни детали.



