Европската комисија (ЕК) нема да поднесе законски предлог за трајна забрана за увоз на руска нафта во врска со војната на Москва во Украина на 15-ти април, како што беше претходно планирано, според ажурираната законодавна програма на Европската Унија (ЕУ).
Сепак, портпарол на блокот изјави за агенцијата дека предлогот не е откажан и дека сепак ќе биде објавен, иако не до средината на април поради „тековните геополитички настани“.
Американско-израелската војна против Иран доведе до најголемото нарушување на снабдувањето со нафта во историјата, според Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), предизвикувајќи нагло зголемување на цените на „црното злато“ низ целиот свет.
Предлогот би донел целосен прекин на увозот на руска нафта најдоцна до крајот на 2027-ма година. Европската Унија веќе усвои закон за постепено укинување на увозот на руски гас до крајот на 2027-ма година.
Мерката би имала скромно влијание врз физичките залихи, бидејќи ЕУ увезуваше само 1% од својата нафта од Русија од последниот квартал на 2025-та година, по наглото намалување на увозот по целосната инвазија на Москва на Украина во 2022-ра година. Но, Брисел сака да го вметне целосното запирање на руската нафта во закон што би останало на сила дури и ако мировниот договор во украинската војна на крајот доведе до укинување на санкциите на ЕУ.
Санкциите на ЕУ за увоз на руска нафта по море веќе го запреа поголемиот дел од увозот во блокот.
Унгарија и Словачка беа единствените две земји од ЕУ што сè уште увезуваа руска нафта од 27-ми јануари, кога Киев соопшти дека руски дрон удрил во цевковод во Украина, прекинувајќи ги испораките на руска нафта. Будимпешта и Братислава ја обвинија Украина за намерно одложување на продолжувањето на испораките на нафта, предизвикувајќи политички спор што доведе до блокирање на заемот од ЕУ од страна на Унгарија за Киев.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, овој месец изјави дека враќањето кон руската енергија би било „стратешка грешка“ и би ја направило Европа поранлива.



