Кинеските производители на електрични автомобили во последните години сè повеќе го освојуваат светскиот пазар, а една од клучните причини за нивниот успех се значително ниските трошоци за производство.
Јапонската автомобилска индустрија, исто така, се осврна на ова прашање, „BYD“ – брендот кој сè повеќе се наметнува на европскиот пазар, привлече посебно внимание.
Јапонското Министерство за економија и трговија организираше семинар на кој присуствуваа 70 производители на делови, со цел да се добие подетален увид во трендовите на пазарот на електрични возила. „BYD Atto 3“, првиот модел на кинескиот производител лансиран во Јапонија во јануари 2023-та година, со почетна цена од 26.800 евра, беше во центарот на анализата. Студијата, исто така, ги спореди „NIO ET5“ и „Tesla Model 3“.
По расклопувањето на возилото, Јапонците беа особено импресионирани од методот на производство на „BYD“. Тие заклучија дека тајната на ниските цени е тоа што компанијата сама ги произведува речиси сите клучни компоненти. Батериите, кои се едни од најскапите делови на секој електричен автомобил и сочинуваат приближно една третина од вкупната вредност на возилото, привлекоа најголемо внимание.
„BYD“ денес е втор најголем производител на батерии за електрични автомобили во светот, со удел од 16,4 проценти на глобалниот пазар. Само кинескиот „CATL“ е пред него со удел од 37,1 процент. Токму оваа силна вертикална интеграција му овозможува на „BYD“ да ги одржува цените ниски, а во исто време да остане конкурентен дури и со увозни тарифи.
„BYD“ гради и дополнителна предност преку развој на сопствени решенија, како што е таканаречената оска 8 во 1, која ги комбинира моторот, конверторот, менувачот и другите клучни системи за погон и енергија. Ова го намалува бројот на делови, го поедноставува производството и дополнително ги намалува трошоците.
Во моделот „BYD Dolphin“, речиси сите компоненти се произведуваат внатрешно. Единствени исклучоци се стаклото, кое го снабдува кинескиот „Fuyao“, и гумите, кои доаѓаат од надворешни добавувачи. Спротивно на тоа, европските и јапонските производители, како што се „Toyotа“, „Volkswagen“, „Renault“ или „BMW“, купуваат голем дел од своите компоненти од надворешни партнери, што на крајот ја зголемува цената на возилото бидејќи во секој дел се вградени дополнителни маржи на добавувачи.
Токму затоа кинеските производители денес имаат голема предност, тие можат да понудат електрични автомобили по цени кои често се споредливи со класичните бензински или дизел модели, а честопати дури и пониски од конкурентските електрични возила.



