Дали пензиите во Европа се доволни за покривање на трошоците за живот?
Според истражувањето на компанијата за плати и човечки ресурси „Moorepay“, одговорот е „не“ за 20 од 39 анализирани европски земји.
Важно е да се напомене дека анализата на трошоците за живот не ја вклучува киријата, па затоа вистинската слика може да биде уште полоша, пишува „Euronews“.
Истражувањето, кое ги спореди пензиите со трошоците за живот на крајот на октомври 2025-та година, покажа огромни разлики низ целиот континент, од само 22 проценти во Грузија до дури 225 проценти во Луксембург.
Податоците за трошоците за живот, собрани од „Numbeo“, го претставуваат националниот просек за едно лице и не ја вклучуваат киријата, додека податоците за пензиите доаѓаат од анализата на „Moorepay“.
На пример, во Луксембург просечната годишна пензија е 28.790 евра, додека трошоците за живот се проценуваат на 12.791 евра. Ова ги остава пензионерите со вишок од речиси 16.000 евра. Пензиите се повеќе од двојно поголеми од трошоците за живот во Италија (210%), Финска (208%), а Шпанија (199%) и Данска (189%) се исто така блиску.
Земји каде што пензиите ги покриваат трошоците
Во неколку други земји, пензиите значително ги надминуваат трошоците за живот, со сооднос помеѓу 150 и 180%. Оваа група ги вклучува Исланд (179%), Норвешка (178%), Германија (176%), Белгија (170%), Австрија (165%), Франција (160%), Холандија (159%) и Шведска (158%).
Исто така, постојат шест земји каде што државните пензии ги покриваат и основните трошоци на едно лице, но вишокот е значително помал. Тоа се Швајцарија (131%), Ирска (126%), Обединетото Кралство (120%), Полска (112%), Чешка (108%) и Грција (103%).
Каде не се доволни пензиите?
Во дури 20 европски земји, државните пензии не се доволни за покривање на трошоците за живот. Во некои од нив, како што се Словенија (95%), Словачка (94%), Естонија (91%) и Португалија (90%), тие покриваат поголем дел од трошоците. Во оваа група спаѓаат и Црна Гора (89%), Литванија (85%), Хрватска (82%) и Унгарија (81%).
Сепак, ситуацијата е многу полоша во други земји, каде што пензиите не покриваат ниту половина од трошоците.
На самото дно на скалата се Грузија (22%), Албанија (29%), Украина (29%) и Молдавија (42%). Босна и Херцеговина (53%), Србија (685), Кипар (58%), Македонија (61%), Турција (64%) и Латвија (65%) исто така лошо се снаоѓаат.
Јасна географска поделба
Податоците откриваат јасна географска поделба. Во Северна и Западна Европа, вклучувајќи ги и нордиските земји, пензиите генерално ги покриваат или ги надминуваат основните трошоци за живот. Во Централна Европа, покриеноста е умерена, додека во Источна Европа и на Балканот, пензиите често покриваат само дел од трошоците.
Ноел Вајтсајд, гостин-професор на Универзитетот во Оксфорд, објаснува дека „некои земји од ЕУ се едноставно посиромашни од другите, а од семејствата се очекува да им обезбедат финансиска поддршка на постарите роднини за да ги надополнат своите приходи“.
Структурата на пензискиот систем е клучна
Постарите лица во Европа во голема мера се потпираат на пензиите како главен извор на приход. Според ОЕЦД, две третини (66%) од приходите на лицата над 65 години во Европа доаѓаат од јавни трансфери. Во некои земји, приватните пензии исто така играат значајна улога.
Дејвид Синклер, извршен директор на Меѓународниот центар за долговечност со седиште во Велика Британија, истакнува дека „структурата на пензискиот систем на секоја земја е клучен двигател на нивоата на пензиите“.



