Стоп против питачење и злоупотреба на децата кои со сила приморани да питачат по улиците на Скопје, но и по други поголеми градови. Ова е мотото на Невладината „Градиме иднина“ од каде со години се бораат со овој секојдневен проблем кој засега стотици малолетни деца но и добар дел возрасни луѓе.
Подобрување на состојбите има, а тоа најмногу е овозможено само поради подигнување на свеста кај граѓаните кои секојдневно им даваат пари на питачите. Што помалку им се дава толку помалку деца ќе бидат искористувани на раскрсниците, велат од невладината. Целта не е тие деца да останат без парче леб, не напротив велат од Градиме иднина, туку парите кои ги собираат децата питачи завршуваат кај класична мафија која го организира питачењето во Македонија, додаваат активистите.
Во моментов на ниво на цела Македонија има околу 3 000 питачи, бројката се зголемува секогаш во потоплите месеци од годината. Во тие месеци најчесто питачите се селат во туристичките центри како Охрид, Струга, но се почесто се одлучуваат за се лоцираат и во Битола. Во Скопје најчесто може да се забележат во Стара чаршија, на плоштадот во центарот на градот, околу трговските центри и молови, односно секаде каде што најчесто се движат граѓаните.
„Можеби најголемиот проблем се крие во институциите, во стручноста на институциите во кадарот, во стручниот кадар кој работи во институциите задолжени за оваа проблематика. Нејасно е како 400, а можеби и повеќе питачи има секојдневно на улиците низ Скопје. Наштето прашање е како институциите не го гледаат тоа, и каде се тие служби за кои надлежните преку писмен допис ни соопштија дека се работи во три смени и состојбата активно се следи и се постапува соодветно“, велат од Градиме иднина.
Информациите на активистите се дека питачењето се одвива во две смени, односно од 9 до 15 часот, потоа од 15 до 22 часот и третата смена завршува некаде во 4 часот наутро. Може и да се забележи дека истите тие деца за време на викендите на семафорите продаваат маримици, балони, и слични производи додека и натаму ја подаваат раката до прозорците на возилата. Тоа е една таква разработена шема на која тешко и се влегува во траг, велат до невладината организација.
„Едно дете дневно „печали“ од 50 до 100 евра од питачење. Неколку пати сме ги известите МВР, каде се питачите, како се транспортирани децата со комбиња, со автомобили, а дури и со автобуси. Во последно време крајно сме разочарани од агилноста на полициските службеници. Мора да се отстранат децата од улица, на децата не им е таму местото. Мора да се вратат во институциите, да бидат згрижени во групни домови доколку се бездомници доколку немаат живеалишта да се згрижат на соодветен начин. Со тие деца мора да почнат да работат стручни лица, педагози, социолози, доколку е потребно и дефектолози, логопеди, бидејќи тие го немаат детското право од самото раѓање“, додаваат активистите.
Државата има неколку протоколи, акциски планови и програми кои се напишани на хартија за тоа како треба да се решава проблемот со питачењето. Од невладината велат дека не сакаат да ги оспорат тие документи, дека не се спроведливи на терен. Тоа велат нека го сторат граѓаните кои секој ден се почесто ги гледаат децата питачи на улиците. А нив ќе ги нема само кога ќе им се престане да им се даваат пари од сожалување. Мора во истиот момент на граѓаните да им текне дека тие пари одат за луксузирање на нивните организатори, а за децата освен една корка сув леб, друго и не следува, потенцираат активистите.
И.П



