ПочетнаКАРИЕРАМалку пари, многу стрес - како изгледа денот на еден новинар

Малку пари, многу стрес – како изгледа денот на еден новинар

Не е најтешко да копаш ров. Не е ни да стоиш осум часа на нозе во фабрика. Ама има една работа што те троши поинаку. Тивко. Однатре. Новинарството.

На прв поглед изгледа лесно. Пишуваш текст, објавуваш, одиш понатаму. Но зад тие неколку пасуси стои нешто што ретко кој го гледа. Телефон што ѕвони во 7 сабајле. Порака во 23 часот.

„Има ли нешто ново?“ Притисок од уредник. Притисок од политика. Притисок од време. И никогаш не си тамам.

Новинарот работи кога сите други одмараат. За викенд има вести. За празник има изјава. За Нова година има инцидент. И пак ти си тој што треба да го напише текстот. Брзо. Точно. Да не згрешиш. А ако згрешиш, сите ќе те прочитаат. И ќе те растргнат.

„Не е проблем да напишеш текст. Проблем е да издржиш да пишуваш секој ден“, велат познавачи на професијата. И тука почнува вистинската тежина.

Платата? Често симболична. Работно време? Не постои. Денес работиш 8 часа, утре 12, задутре цел ден. Никој не ти гарантира дека ќе имаш мирен ден. Напротив. Ако има мир, тоа значи дека нешто не е во ред. А има и друго.

Новинарот секојдневно се судира со реалност што не е секогаш лесна за варење. Сообраќајки. Болници. Сиромаштија. Луѓе што плачат. Луѓе што се лутат. Луѓе што бараат правда. Ти слушаш. Гледаш. Пишуваш. И продолжуваш. Нема пауза за емоции.

„Се навикнуваш, ама не баш целосно“, признаваат луѓе од фелата.

Во исто време, од тебе се очекува да бидеш и брз и точен и објективен. Да не навредиш никого. Да не пропуштиш ништо. Да не звучиш досадно. Да не звучиш пристрасно. И сето тоа во рок од неколку минути. Звучи невозможно? Често и е.

Плус, постои и еден невидлив товар. Недовербата. Дел од јавноста веќе не верува на медиумите. Секој текст се чита со сомнеж. Секој наслов се анализира. Секој збор може да биде причина за напад на социјални мрежи. И одеднаш, новинарот не е само новинар. Туку и мета.

Коментари, навреди, етикети. Понекогаш и закани. И пак утредента треба да седнеш и да пишуваш како ништо да не било.

Зошто тогаш некој би го работел ова? Парадоксално, токму поради тоа што е тешко.

Има нешто во таа трка по информација. Во моментот кога ќе објавиш нешто прв. Во чувството дека си пренел приказна што треба да се слушне. Дека си открил нешто што некој сакал да го скрие. Дека си помогнал нечиј проблем да стане видлив.

Тоа држи. Но не ги брише сите проблеми.

Во многу земји новинарството веќе не е престижна професија. Младите ретко ја избираат. Постарите размислуваат да се повлечат. Редакциите се празнат, а барањата растат. Се очекува повеќе содржина, побрзо, поевтино. И така, кругот се затвора.

Еден новинар денес треба да биде и репортер и снимател и монтажер и уредник и маркетер. Да снима видео, да пишува текст, да прави наслов што „ќе фати кликови“. И сето тоа – со минимални ресурси.

„Не е повеќе само новинарство, туку борба за опстанок“, велат аналитичари.

А најлошото? Тоа што заморот не се гледа веднаш. Не е физички. Не боли како рана. Ама се собира. Ден по ден. Текст по текст. Приказна по приказна.

И еден ден сфаќаш дека не си само уморен. Туку исцеден. Па сепак, утредента пак седнуваш пред компјутер. Затоа што некој мора да ја напише приказната.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП