На денешен ден пред 27 години започна бомбардирањето на тогашната Сојузна Република Југославија, составена од Србија и Црна Гора, кое траеше 78 дена.
Бомбардирањето на СРЈ траеше од 24 март до 1 јуни 1999 година.
Акцијата на НАТО заврши по потпишувањето на воено-техничкиот договор за повлекување на југословенската армија и полиција од Косово.
Штетата предизвикана за време на бомбардирањето на СРЈ се проценува на околу 30 милијарди долари. Конечниот број на жртви не е официјално објавен, а проценките се движат помеѓу 1.200 и 2.500 мртви и околу 5.000 ранети.
Во средината на 1998 година, ЕУ ги прошири економските санкции против Белград поради српските дејствија во Косово, воведувајќи забрана за комерцијални летови од страна на југословенските авиокомпании во сите 15 земји-членки на ЕУ во тоа време.
Токогашниот претседател на СРЈ, подоцна хашки обвинет Слободан Милошевиќ, се согласи во летото 1998 година да ги исполни повеќето барања поставени од светските сили со цел да се стави крај на крвопролевањето во Косово, но изјави дека ќе ги повлече своите трупи од Косово дури по завршувањето на тероризмот.
Американскиот дипломат Ричард Холбрук се сретна со Милошевиќ за последен пат во март 1999 година и му понуди последна шанса да го прифати договорот од Рамбује, според кој Косово ќе ја врати својата автономија, Ослободителната војска на Косово ќе се разоружа, а мировните сили и НАТО ќе бидат распоредени во областа. Милошевиќ одби, што доведе до бомбардирање на СРЈ од страна на НАТО.
НАТО прво нападна цели во близина на Белград. Една од главните цели на силниот напад на силите на НАТО врз поширокото подрачје на Белград беше аеродромот во Батајница. Нападнати беа и воени цели во општините Вождовац, Грочка, областа Панчево и фабриката за авиони Утва, како и областа Ковина и Качарева.
На 23 април, ракета на НАТО ја погоди зградата на Радио и телевизија на Србија, а емитувањето на програмата беше прекинато 24 часа.
Во исто време, на 7 мај, ракети на НАТО слетаа и во зградата на кинеската амбасада во Белград, каде што беа убиени тројца кинески новинари, што предизвика протест од Пекинг. НАТО се извини, наведувајќи дека застарената мапа на градот Белград е виновна за сè и дека амбасадата не е погодена намерно.
За време на бомбардирањето на Србија, авионите на НАТО извршија 38.000 летови, главно напаѓајќи воени објекти и магацини за оружје на Србија во близина на Белград, Ниш и Нови Сад.
Авионите на НАТО бомбардираа и неколку воени цели во Црна Гора, па затоа неколку бомби паднаа на воениот аеродром во близина на Подгорица. Цел беше и воен објект во близина на Даниловград, како и воени цели помеѓу Бар и Улцињ и помеѓу Будва и Сутоморе.
Во првите денови од бомбардирањето на НАТО на Косово, одекнаа околу петнаесет експлозии северно од Приштина, како и две експлозии што одекнаа во центарот на Косовска Митровица. Беа погодени и големите касарни во Урошевац на југот на Косово, кои армијата на СРЈ ги користеше во воената кампања против косовските Албанци.
НАТО секојдневно користеше ракети и борбени авиони за да напаѓа воени цели на територијата на поранешна СРЈ, таргетирајќи воени аеродроми, касарни и центри за воздушна одбрана.
Во исто време, Милошевиќ испрати писмена порака до тогашниот претседател на Русија, Борис Елцин. Официјално побара прием на СРЈ во Сојузот на Русија и Белорусија. Сепак, Москва не се согласи со идејата, нагласувајќи дека „прво треба да се реши ситуацијата во Косово“.
Така, на 11 јуни 1999 година, заврши кампањата на НАТО. Околу 750.000 протерани Албанци потоа можеа да се вратат на Косово, но околу 100.000 Срби ја напуштија областа од страв.
Десет години подоцна, Косово прогласи независност и беше признаено од повеќе од 100 земји-членки на ОН.



