ПочетнаКАРИЕРАПрашање за матурантите: факултет или занает?

Прашање за матурантите: факултет или занает?

Матурата доаѓа побрзо отколку што изгледа. Еден ден си во клупа, другиот веќе стоиш пред прашањето што не може да се одложи – што понатаму? Не е тоа само избор на факултет. Тоа е избор на правец, на живот, на тоа дали утре ќе чекаш работа… или работата ќе те чека тебе.

А бројките, колку и да звучат суво, не лажат. Пазарот на труд во Македонија одамна не функционира по логиката „заврши што сакаш, ќе се снајдеш“. Напротив. Некои професии се празни со години, фирмите бараат луѓе и не можат да најдат, додека други области се преплавени со дипломи кои стојат во фиока.

Најгласно се бараат занаети. И тоа не е некоја нова појава, туку проблем што расте. Водоводџии, електричари, плочкари, автомеханичари… списокот е долг.

„Имаме работа за месеци однапред, ама немаме луѓе“, велат познавачи од секторот. И навистина, ако некој млад човек денес реши да стане мајстор, многу брзо може да стигне до стабилна заработка. Не гламурозна, ама сигурна. А сигурноста, изгледа, стана најскапа валута.

Паралелно со тоа, ИТ-секторот сè уште држи силна позиција. Програмери, систем администратори, аналитичари на податоци. Но тука приказната не е толку едноставна како пред неколку години. Пазарот веќе не бара почетници по секоја цена.

„Сега се бара знаење, не само диплома“, предупредуваат експерти. Значи, ако се оди во оваа насока, мора сериозно. Половично знаење не поминува.

Здравството исто така останува сектор што постојано „крвари“ со кадар. Медицински сестри, техничари, лекари специјалисти. Проблемот е што многумина заминуваат во странство. Па така, парадоксално, има и потреба и одлив во исто време. За некој што сака сигурна професија и е подготвен за тежок пат, ова е реална опција.

Не треба да се заборави ни транспортот. Возачи, логистика, магацинско работење. Особено за оние што не се гледаат во канцеларија. Платите варираат, но побарувачката е реална. И тука важи истото правило, кој знае работа, нема да седи дома.
Од друга страна… правото, економијата, општествените науки. Тие и понатаму привлекуваат голем број матуранти. Причините се јасни: престиж, традиција, некаков „сигурен“ пат. Но реалноста е поинаква. Пазарот е заситен.

„Имаме повеќе дипломирани отколку што има реални работни места“, велат аналитичари.

Се отвора и една друга димензија што ретко се кажува гласно. Сè повеќе млади размислуваат не што да студираат, туку што да работат веднаш. Курсеви, кратки обуки, практични вештини. Бербери, козметичари, фитнес тренери… занаети со брз влез на пазарот. Некои ќе речат – тоа не е „високо образование“. Можеби. Ама носи приход.

И тука доаѓа суштината. Не постои „најдобра професија“ за сите. Постои само добра одлука за конкретен човек. Ако некој избере факултет само затоа што „така треба“, шансите се да се изгуби по пат. Ако избере нешто што има побарувачка, но нема интерес – исто така.

„Комбинацијата е клучна – што сакаш и што се бара“, велат познавачи на пазарот на труд. Лесно звучи. Во пракса… не баш.
Можеби најискрениот совет за матурантите не е да ја следат модата, ниту притисокот од околината. Туку да погледнат реално. Каде има работа. Каде има пари. И дали можат да се видат себеси таму, барем неколку години однапред.

Затоа што дипломата сама по себе не значи ништо. Барем не повеќе. А времето кога „ќе се снајдеш некако“… полека исчезнува.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП