ПочетнаЕКОНОМИЈАПазарот притиска, луѓето паѓаат - вистината за брокерската професија

Пазарот притиска, луѓето паѓаат – вистината за брокерската професија

Телефоните не престануваат да ѕвонат. Бројките треперат на екраните, цените се менуваат за секунди, а притисокот не попушта ни кога пазарот ќе се затвори. Во светот на брокерите нема пауза. Има само адреналин… и замор што се таложи со години.

Чудно, ама речиси и да нема повозрасни брокери.

Оние што влегуваат во оваа професија најчесто се млади, амбициозни, гладни за успех. Првите години изгледаат како игра. Брзи пари, динамика, чувство дека си чекор пред сите. Но некаде по патот, нешто се менува. Телото почнува да дава сигнали. Нервозата станува секојдневие. Сонот се скратува. И не сите успеваат да издржат доволно долго за да станат „ветерани“.

„Ова не е работа што ја работиш 30 години“, вели еден познавач на финансиските пазари. „Повеќе е како спринт што се одолжил во маратон… ама без право на пауза“.

Брокерите живеат во постојана неизвесност. Една одлука може да значи голема добивка, но исто така и сериозна загуба. Одговорноста не е само лична. Често управуваат со туѓи пари, туѓи очекувања, туѓи нерви. А тоа тежи. Понекогаш повеќе од самите бројки.

Во канцелариите владее специфична тишина. Не онаа мирна, туку напната. Секој поглед е вперен во екран. Секој звук значи нешто. И никој не сака да погреши. Една секунда невнимание може да чини илјадници евра.

И така ден по ден.

Аналитичарите објаснуваат дека психолошкиот товар е една од главните причини зошто оваа професија „ги троши“ луѓето побрзо од другите. Не станува збор само за стрес, туку за константна изложеност на ризик. Мозокот не успева да се „исклучи“. Дури и кога ќе си заминеш дома, графиците остануваат во глава.

„Има брокери што се будат во три сабајле за да проверат азиски пазари“, вели еден финансиски советник. „Тоа не е здрав ритам. И телото порано или подоцна си го бара своето“.

Покрај психичкиот, тука е и физичкиот замор. Седење со часови, минимално движење, неправилен начин на исхрана. Кафе по кафе, брзи оброци, цигари… класична слика. Не изгледа драматично на прв поглед, ама со тек на време прави разлика.

И тука доаѓа оној момент кога луѓето почнуваат да се повлекуваат.

Некои преминуваат во консултантски улоги. Други целосно го напуштаат секторот. Има и такви што заработиле доволно и решиле да се „спасат“ додека можат. Ретко кој останува на линијата до пензија.

Интересно е што надвор од оваа индустрија, брокерите често се перцепираат како луѓе со лесен живот. Брзи коли, скапи одела, динамика. Но зад таа слика има нешто друго. Напнатост што не се гледа. Замор што не се објавува на социјални мрежи.

Познавачи велат дека проблемот не е само во природата на работата, туку и во културата што ја следи. Очекувањето да си секогаш достапен, секогаш фокусиран, секогаш „во игра“. Нема простор за слаб ден. Нема простор за грешка. А тоа, на долг рок, ретко кој може да го издржи.

И можеби затоа, кога ќе погледнете подобро… навистина нема многу постари брокери.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП