ПочетнаЕКОНОМИЈАВелигденска трпеза по цена на половина плата

Велигденска трпеза по цена на половина плата

Трпезата за Велигден отсекогаш била симбол на изобилие. Оваа година, за многумина, станува симбол на пресметка. Колку чини традицијата и дали воопшто можеме да си ја дозволиме?

Пазарите веќе неколку дена пред празникот се полни. Гужва има, но атмосферата е поинаква. Луѓето купуваат, ама внимателно. Не се полнат корпи како порано, туку се бројат парчиња, се пресметува на калкулатор, се враќа нешто назад на тезга.

Една жена пред каса тивко вели дека првпат ќе фарба помалку јајца. „Не е до желбата… до цената е“, додава и само клима со глава.

Цената на јајцата е првата што ги пречекува купувачите. За десетина јајца, веќе се плаќа како за цел ручек пред неколку години. Маслото, брашното, шеќерот – основни работи за секоја кујна, се качени чекор по чекор, без многу врева, но доволно за да се почувствува на крајот од сметката. А таму, на крајот, бројката не лаже.

Месото е посебна приказна. Јагнешкото, кое за Велигден има речиси обредна улога, годинава за многумина останува само желба. Цената по килограм оди нагоре, а изборот се сведува на помали парчиња или целосно откажување. Некои се префрлаат на пилешко, други на свинско, трети едноставно ќе го прескокнат.

„Не е исто, ама што да правиме“, вели еден купувач, додека бара поевтина опција.

Познавачите на пазарните движења велат дека ова не е случајно. Комбинацијата од повисоки цени на горивата, поскапа сточна храна и зголемени трошоци за производство постепено се прелева во малопродажба. И така, празничната трпеза, која треба да биде момент на радост, станува уште една финансиска обврска.

Интересно е што навиките почнуваат да се менуваат. Помалку се купува „за да има“, повеќе „колку што треба“. Некои домаќинства веќе не подготвуваат по три-четири видови месо, туку се ограничуваат на едно. Се скратуваат и количините на колачи, салати, па дури и традиционалните погачи.

А има и друга слика. Тие што можат не штедат. Масите им се полни, купуваат без многу размислување, како да не постои ценовен шок. Тој јаз, кој и претходно постоеше, сега уште повеќе се гледа. На едната страна се прават пресметки до последен денар. На другата сѐ си е нормално.

Аналитичари предупредуваат дека токму ваквите периоди најдобро ја покажуваат реалната состојба во економијата. Не се работи само за тоа дали има раст или пад, туку дали граѓаните можат да го издржат секојдневието. А празниците, велат, се лакмус тест. Тогаш најлесно се гледа колку тежи животот.

Во меѓувреме, трговците се бранат со аргумент дека цените ги следат трошоците. Дека нема простор за поевтинување ако и набавните цени се високи.

Од институциите, пак, најчесто се слушаат апели за „разумно однесување“ и најави за контроли. Но, на терен… цените си стојат.

И покрај сè, традицијата не се напушта лесно. Луѓето ќе најдат начин. Ќе се скрати нешто друго, ќе се одложи некој трошок, ќе се земе помалку – ама трпеза ќе има. Можеби не како порано, можеби поскромна, ама ќе ја има.

И тоа е, на некој начин, најсилниот отпор. Не против цените, туку против чувството дека празникот станува луксуз. Бидејќи, ако и Велигден почне да се мери во проценти од плата… тогаш нешто навистина не е во ред.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП