„BMW“ го претстави својот најнов електричен седан „i3“, првиот целосно електричен модел од серијата 3, кој ја започнува новата генерација на електрични возила на германскиот бренд.
Моделот е изграден на новата платформа „Neue Klasse“ и следи по „iX3“ како дел од стратегијата на „BMW“ за електрификација. На врвот на понудата се наоѓа „i3 50 xDrive“, со два електромотори, по еден на секоја оска и вкупно 463 коњски сили, што му овозможува погон на сите тркала.

Една од најзначајните предности на „i3“ е автономијата. Според проценките на „BMW“, автомобилот може да помине до 700 километри со едно полнење според EPA стандарди, што го прави еден од електричните седани со најголем досег на пазарот, доколку резултатите се потврдат во реални услови.
„i3“ користи 800-волтна архитектура која овозможува многу брзо полнење до 400 kW, што значително го намалува времето поминато на полнач. Точните податоци за времето на полнење сеуште не се објавени.

Во внатрешноста, „i3“ добива нов дизајн на воланот со четири краци и „Panoramic Vision“ дисплеј кој ги прикажува информациите директно во видното поле на возачот. Главниот екран од 17.9 инчи контролира повеќето функции, а достапен е и 3D „head-up“ дисплеј.

Технологијата во „i3“ е на највисоко ниво. Возилото доаѓа со најновиот „iDrive“ систем и AI асистент, работи на новиот „X“ оперативен систем и користи четири моќни компјутери со значително поголема процесорска моќ од претходните модели. Цените за „i3“ сѐ уште не се објавени, а првите испораки се очекуваат во есен 2026-та година.



