Федералниот комитет за отворен пазар на САД (FOMC) верува дека војната со Иран ќе ја стимулира инфлацијата оваа година, но нема значително да влијае на економскиот раст. Федералните резерви(ФЕД) ги оставија каматните стапки непроменети втор пат по ред, во опсег од 3,50 до 3,75 проценти. Во соопштението на FOMC се наведува дека последиците од настаните на Блискиот Исток за американската економија остануваат неизвесни.
Службениците на Федералните резерви сè уште очекуваат едно намалување на стапката во 2026 година. Сепак, одржувањето на претходните прогнози за намалување на каматните стапки сугерира дека централната банка верува дека зголемувањето на цените на горивата ќе има само привремено влијание врз инфлацијата. Се очекува и невработеноста да остане стабилна, што е пооптимистичко од проценките на многу економисти, објавува АП.
Колку ќе бидат точни овие прогнози зависи првенствено од времетраењето на конфликтот. ФЕД очекува инфлацијата да падне на 2,2 проценти до 2027 година и да ја достигне својата цел од два проценти до 2028 година. Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, рече дека повисоките цени на нафтата и гасот ќе ја зголемат инфлацијата на краток рок, но дека е прерано да се процени поширокото влијание врз економијата.
Според новите проекции, инфлацијата би можела да биде околу 2,7 проценти на крајот од оваа година, што е повисоко од претходната проценка. А се очекува и основната инфлација (без храната и енергијата) на слично ниво. Иако цените веројатно ќе растат во наредните месеци поради поскапите горива, тие може да се стабилизираат подоцна, особено ако конфликтот заврши наскоро.
ФЕД, исто така, проценува дека војната нема да влијае на вработеноста или економскиот раст на долг рок. Невработеноста треба да остане околу 4,4 проценти, додека се очекува економијата да порасне за околу 2,4 проценти оваа година. Еден член на Управниот одбор на ФЕД не се согласи со одлуката и се залагаше за намалување на каматните стапки.
Во меѓувреме, цените на горивата во Соединетите Американски Држави значително се зголемија, што дополнително ќе ја зголеми инфлацијата на краток рок. Федералните резерви обично ги игнорираат привремените шокови во снабдувањето, како што се прекините во снабдувањето со нафта, бидејќи нивното влијание врз инфлацијата може да исчезне без потреба од зголемување на каматните стапки. Сепак, искуството од 2021 и 2022 година, кога инфлацијата не беше толку минлива како што се очекуваше, ги прави службениците повнимателни.
Мандатот на Пауел истекува кон средината на мај, а американскиот претседател Доналд Трамп го номинираше Кевин Ворш за негов наследник, но процесот на потврда во Сенатот е одложен. Пред војната веќе имаше проблеми, инфлацијата е сè уште релативно висока, додека пазарот на трудот почна да ослабува. Околу 92.000 работни места беа изгубени во февруари, додека невработеноста малку се зголеми, што дополнително ги комплицира одлуките на Федералните резерви.
Доколку Министерството за правда не ја прекине истрагата против Пауел, тој би можел да остане на чело на Федералните резерви и по завршувањето на неговиот мандат во мај. Пауел рече дека ќе остане како привремен претседател ако Сенатот не го потврди номинираниот Ворш. Тој истакна дека ова е во согласност со законот и дека таквата практика не е невообичаена.
Зборувајќи за економските прогнози, Пауел предупреди дека тие во моментов се многу неизвесни поради војната на Блискиот Исток. Членовите на FOMC истакнуваат дека имаат помала доверба од вообичаено во своите проценки и дека не знаат колку војната ќе влијае на инфлацијата или колку долго. „Ова е ситуација во која е тешко да се прават прогнози, но сепак мораме нешто да запишеме“, рече Пауел.



