Кинескиот пазар на автомобили сè повеќе се свртува кон домашните производители, а најновиот пример е луксузниот седан „Maextro S800“.
Овој модел неодамна се продава подобро во Кина од „BMW Series 7“, „Porsche Panamera“ и „Mercedes-Maybach S-Class“ заедно!
„S800“ е производ на соработка помеѓу технолошкиот гигант „Huawei“ и домашните автомобилски партнери, а неговата почетна цена е околу 103.000 долари (90.000 евра).
Тоа е околу 40% помалку од цената на „Porsche Panamera“, што го прави многу конкурентен во луксузниот сегмент.

Падот на продажбата на кинескиот пазар веќе го чувствуваат традиционалните производители на автомобили.
Според извештаите, „Porsche“ забележа пад на испораките во Кина за околу 26% минатата година, додека глобалната продажба во 2025-та година се намали за околу 10% во споредба со претходната година.

Причината е промената на вкусовите на клиентите.
Новата генерација возачи во Кина сè повеќе претпочита електрични возила и напредни дигитални технологии, а домашните производители често нудат подобар сооднос цена-перформанси од западните брендови.

Пример е електричниот модел „Xiaomi SU7“, кој според достапните податоци забрзува до 100 км/ч за околу 2,1 секунда и достигнува максимална брзина од 350 км/ч, со значително пониска цена од електричниот модел „Porsche Taycan“.

Сепак, „Porsche“ не планира да се откаже од кинескиот пазар. Новиот извршен директор Михаел Лајтерс најави промени во стратегијата и поголем фокус на спортски модели и теренски возила, со повнимателен пристап кон електрификацијата.
Компанијата, исто така, планира да развива нови модели прилагодени на кинескиот пазар и да отвори центар за развој во Шангај, каде што ќе работи на технологии и инфозабавни системи посоодветни за локалните клиенти.



