ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата прави фронт против сивата економија!

Државата прави фронт против сивата економија!

Државните институции, стопанствениците и даночните експерти со заеднички сили ќе застанат против најголемото зло на една економија, а тоа е работењето на црно. Ваквата заложба на сите засегнати страни според учесниците претставува платформа за дијалог и размена на искуства, ставови и предлози од различни перспективи. Заклучокот од првата средба на ова неформално тело е дека даночната дисциплина и фер конкуренцијата се неразделни во градењето здрава и одржлива економија.

Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно, под ова мото почнаа серијата на активности кои државата, приватниот сектор граѓанските активисти и експертите од даночната политика ќе ги водат се со цел намалување на високото ниво на сива економија во државата.

Од Владата посочија дека борбата против сивата економија им е стратешка цел и многу важен дел од фискалната политика, бидејќи директно придонесува за проширување на фискалниот простор и за економски раст. А потврда за тоа дава и заедничката декларација која беше потпишана од повеќе институции, а има за цел координирана акција за формализација на економијата.

Во својата програма за сузбивање на сивата економија, Управата за јавни приходи се води од принципот дека целта не е да се изрекуваат што повеќе казни, туку да се воспостави ред преку јасни правила, паметни контроли и еднаков третман за сите даночни обврзници. Сивата економија е комплексен и системски предизвик кој со години е дел од економската реалност и затоа бара континуирани мерки, долгорочен и координиран пристап.

„Во изминатиот период Управата за јавни приходи посебен фокус стави на угостителството, трговијата на мало и одредени услужни дејности, каде што плаќањата претежно се вршат во готовина и постои поголем ризик од неевидентирање на прометот. Активности во овие сектори спроведува и Државниот пазарен инспекторат, што ја потврдува потребата од координиран институционален пристап“, велат од УЈП.

Според експертите, сивата економија не е само прашање на неплатен данок, туку и сериозен фактор што создава нелојална конкуренција и директно ги оштетува компаниите што работа чесно. Оттука, намалувањето на неформалната економија бара партнерство меѓу државните институции и бизнис заедницата.

Дополнително, мора да се стави акцент на улогата на современите технологии и дигиталните алатки во подобрување на поврзувањето и размената на информации меѓу институциите, со цел неформалните активности да не останат во зоната на „невидливост“ и „неказнивост“. Но, и одредени административни и финансиски оптоварувања со кои се соочуваат малите бизниси при исполнување на обврските кон државата.

Посебно внимание на средбата беше посветено и на краткорочното туристичко изнајмување, вклучително и активностите што се одвиваат преку дигитални платформи. Сместувачките капацитети имаат значајно фискално значење и за централната и за локалната власт, но истовремено носат и исти ризици во однос на наплатата на јавните приходи од дејноста.

„Претставниците на локалната самоуправа ги истакнаа административните и системските предизвици што влијаат врз ефикасноста на наплатата на овие приходи, а со тоа и на финансиската стабилност и независноста од централната власт. Претставниците од угостителско-хотелскиот сектор посочија дека неформалноста во секторот претставува сериозна нелојална конкуренција за чесните бизниси, но и негативно влијае врз локалниот економски развој“, додаваат од УЈП.

Покрај членови на Советот за даночна усогласеност, на средбата учествуваа претставници од Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат, Општина Кавадарци, Центарот за микро, мали и средни претпријатија при Стопанската комора на Северна Македонија, како и претставници од бизнис заедницата од угостителско-хотелскиот сектор.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП