Работодавачите сè почесто се наоѓаат под силен притисок, но за разлика од своите вработени, речиси никогаш не одат на боледување. Во канцелариите, фабриките и малите приватни бизниси, стресот е дел од секојдневието, но ретко кој од оние што ги водат компаниите си дозволува да застане и да признае дека му е потребен одмор или медицинска пауза.
„Ако јас застанам, застанува и фирмата“, вели еден сопственик на мала транспортна компанија од Скопје, кој повеќе од десет години управува со бизнисот. Вели дека работи и кога е болен.
„Имало денови кога едвај стојам на нозе, ама мораш да се појавиш. Луѓето те чекаат, договорите те чекаат. Кој ќе го заврши тоа ако не ти?“
Токму тука е парадоксот што го посочуваат и економистите. Работодавачите носат најголем дел од одговорноста – за платите, за трошоците, за кредитите, за испораките. Но кога станува збор за сопственото здравје, тие најчесто остануваат на последно место.
Психолозите објаснуваат дека ова не е само економски, туку и психолошки феномен.
„Работодавачите често се чувствуваат како да немаат право на слабост. Постои некој внатрешен притисок – ако се повлечам, ќе изгледа како да сум ја изгубил контролата. Тоа создава хроничен стрес“, објаснува Сања Љубеновиќ, психолог од Скопје.
Во малите компании, ситуацијата е уште поизразена. Таму сопственикот често е и менаџер, и комерцијалист, и книговодител… и човек што го отвора дуќанот рано наутро. Кога таков човек ќе се разболи – практично нема кој да го замени.
„Имам 12 вработени и сите зависат од фирмата“, раскажува сопственик на градежна фирма од Велес. „Ако јас не ги организирам работите, настанува хаос. Боледување? Искрено… не сум размислувал за тоа“.
Од Сојузот на стопански комори велат дека овој проблем ретко се спомнува, но е реален. Многу сопственици на бизниси работат со години без вистински одмор, а камоли боледување.
„Системот е поставен така што одговорноста постојано се враќа кај работодавачот. Тие се последната линија која мора да функционира“, брифираат оттаму.
Во исто време, лекарите предупредуваат дека долготрајниот стрес може да има сериозни последици.
„Стресот не се гледа веднаш. Но се таложи… и еден ден телото едноставно реагира“, коментираат лекарите.
Некои работодавачи признаваат дека токму поради стресот спијат лошо или постојано размислуваат за работата.
„Телефонот не се гаси“, вели сопственик на угостителски локал. „Навечер си легнуваш, а во глава ти се фактури, добавувачи, инспекции…“.
И покрај тоа, боледувањето за нив останува речиси незамислива опција. Не затоа што не им е потребно, туку затоа што чувствуваат дека нема кој да ги замени.
И така, додека статистиките покажуваат колку вработени користат боледување, за работодавачите такви бројки речиси и да нема.
Тие продолжуваат да работат – понекогаш и кога здравјето веќе предупредува дека треба да застанат.
Но… ретко кој застанува. Барем не навреме.
Б.З.М.



