Конфликтот на Блискиот Исток предизвика нов пресврт на енергетскиот пазар, а цената на нафтата повторно се приближува до границата од 100 долари за барел. Oслободувањето на 400 милиони барели на ИЕА може да ја ублажи кризата само на краток рок. Доколку блокадата трае, последиците би можеле да се прелеат кон раст на инфлацијата во Европа, а и во Македонија.
Пресметката е многу едноставна. Блокадата предизвика недостиг од околу 20 милиони барели дневно. ИЕА ослободија 400 милиони, што во теорија би било доволно за околу 20 дена.
Сепак, реакциите на пазарот покажуваат дека сè уште има многу неизвесност.
„Според реакцијата на пазарот, гледаме дека нафтата се враќа на близу 100 долари за барел. Очигледно, постои неизвесност дека тие 20 дена нема да бидат доволни и дека конфликтот би можел да трае подолго, а во меѓувреме тие ослободени резерви ќе бидат потрошени“, вели финансискиот аналитичар Павловиќ.
Во тој случај, пазарот би можел да влезе во „критичната зона“.
„За дваесет дена, количините би можеле да бидат доволни, но потоа ќе влеземе во критичната зона ако ситуацијата не се стабилизира“, предупреди тој.
Русија би можела да компензира за 10 до 20 проценти од недостигот. Нејзините капацитети се такви што можат да обезбедат околу еден и пол до два милиони барели дневно, додека недостигот е околу 20 милиони.
Затоа, дури и евентуалното олеснување на санкциите против Русија нема значително да ја промени состојбата на пазарот.
Можеби на краток рок цената би била малку корегирана, но ако блокадата потрае, дури ни руската нафта нема да биде доволна за да го компензира недостигот.
Европа веќе еднаш ги почувствува последиците од санкциите врз руските производители на енергија. Скокот на цените, особено на гасот, доведе до криза во одредени индустрии, како што се челичната, автомобилската и хемиската индустрија. Поради тоа, европската економија ја изгуби конкурентноста во споредба со САД и Кина.
Павловиќ смета дека мерките предложени од европските институции, како што е ограничувањето на цените на енергијата, не можат да го решат суштинскиот проблем – недостатокот на количини на пазарот.
„Едно е прашањето на цената, а другото е прашањето на количината. Можете да ја ограничите цената, но не можете административно да ги зголемите количините што недостасуваат на пазарот. Ваквите мерки можат да имаат дури и спротивен ефект.“, рече Павловиќ.
Ако ја ограничите цената на гасот, производителите едноставно ќе ги насочат своите количини кон пазари каде што можат да постигнат повисока цена, како што е азискиот пазар.
Освен енергетиката, кризата би можела да влијае и на други сектори, вклучително и на земјоделството, бидејќи дел од транспортот на вештачки ѓубрива е исто така блокиран.
Околу 30 проценти од количината на вештачки ѓубрива што минуваат низ тој теснец е блокирана. Ова значи дека, покрај зголемувањето на цените на горивата, може да има и зголемување на цените на храната.
Доколку кризата потрае, последиците би можеле да се почувствуваат преку растот на инфлацијата, и во Европа и во Македонија.
Доколку конфликтот заврши за еден месец, инфлацијата во Еврозоната би можела да се зголеми од два на околу два и пол проценти. Меѓутоа, ако трае подолго и цената на нафтата остане околу 100 долари, инфлацијата би можела да надмине три проценти до крајот на годината.
Таквото сценарио би можело да ја принуди Европската централна банка повторно да ги зголеми каматните стапки.
Македонија е особено чувствителна на ваквите промени бидејќи е силно поврзана со европскиот пазар.
Голем дел од стоките за широка потрошувачка ги увезуваме од Европската Унија. Доколку има зголемување на инфлацијата во Еврозоната, нема сомнение дека таа ќе се прелее во Македонија, можеби дури и во поголема мера.



