На неколку чекори од тезгите со домати, сирење и јајца, на скопските и на другите пазари се одвива уште една трговија. Потивка. Договорена со тивок глас и со поглед околу себе.
„Имаш ли тутун?“ – прашува купувачот. Продавачот само кимнува и со раката покажува кон торба или пластична кутија скриена под тезга. За неколку секунди, кеса со ситно сечкан тутун веќе е во рацете на купувачот.
Нелегалната продажба на тутун на пазарите не е нова појава, но последниве години станува сѐ поочигледна. Додека цените на фабричките цигари растат, сè повеќе луѓе се свртуваат кон евтината алтернатива – ронет тутун кој се продава без акциза, без декларација и без контрола.
Најчесто се продава во пластични кеси или во кутии. Продавачите нудат и хартија за виткање. Цената е неколку пати пониска од кутија цигари. За многу пушачи, тоа е доволна причина да не прашуваат многу.
Познавачи на пазарните прилики велат дека оваа трговија функционира со години и дека сите ја гледаат, но ретко кој реагира. Контролите постојат, но се повремени. Кога ќе се појави инспекција, тутунот едноставно исчезнува под тезгата или се префрла во автомобил паркиран во близина. По половина час, трговијата продолжува како ништо да не се случило.
Аналитичари кои ја следат сивата економија велат дека нелегалниот тутун е само дел од поголем проблем. Пазарите одамна не се само места за продажба на зеленчук и овошје. Таму се продаваат и текстил без фискални сметки, домашен алкохол, па дури и производи кои формално не смеат да се продаваат без лиценца.
Но тутунот е посебна приказна. Причината е едноставна. Разликата во цената меѓу легалните цигари и ронетиот тутун е огромна.
Експерти за јавни финансии предупредуваат дека државата губи милиони евра годишно од ваквата трговија. Акцизата на тутунските производи е еден од главните извори на буџетски приходи. Кога тутунот се продава на црно, тие пари едноставно исчезнуваат од системот.
Но не се работи само за пари. Постојат и здравствени ризици. Тутунот кој се продава на пазарите нема никаква контрола. Никој не знае како е обработен, дали е мешан со други состојки или како е чуван. Купувачите најчесто не прашуваат. Гледаат само дали е сув и дали мириса „како вистински“.
На некои пазари продавачите дури нудат и избор. Повеќе видови тутун. „Посилен“, „помек“, „од Прилеп“, „од Струмица“. Сето тоа се продава без етикета, без гаранција и без никаква документација.
Луѓето кои редовно купуваат ваков тутун велат дека едноставно немаат избор. Пензионерите, работниците со ниски плати и оние што пушат по една кутија дневно тешко можат да ги следат цените на фабричките цигари. За нив, кесата тутун од пазар е прашање на економија, не на навика.
Сепак, дел од познавачите на економските прилики предупредуваат дека ваквата логика има и друга страна. Колку повеќе се шири нелегалната трговија, толку повеќе се поткопува легалниот пазар. Производителите и трговците кои работат по закон се соочуваат со нелојална конкуренција.
Иако институциите повремено најавуваат акции против нелегалната продажба на тутун, ефектите засега се ограничени. Неколку запленети кеси тутун и неколку прекршочни пријави не ја менуваат сликата на терен.
На пазарите, животот продолжува по старо. Мирисот на тутун се меша со мирисот на пиперки и домати. Купувачите доаѓаат, прашуваат тивко, продавачите кимнуваат. Неколку секунди и договорот е готов.
Трговијата оди понатаму. Тивко. Но сите знаат дека постои.
Б.З.М.



