ПочетнаЕКОНОМИЈАДали реално македонската економија ќе биде погодена од ценовните шокови на нафтата?

Дали реално македонската економија ќе биде погодена од ценовните шокови на нафтата?

Геополитичките тензии на Блискиот Исток достигнаа нивоа кои ретко се забележани во поновата историја. Ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран, како и директното вклучување на САД, создадоа сериозна неизвесност на глобалните енергетски пазари. Ваквите случувања предизвикаа вистински турбуленции на берзите на нафта. Тоа беше доволна причина Институтот за економски анализи и политики Finance Think да ги стави под лупа сите достапни информации и да излезе со нова анализа за состојбите.

Регионот има централно место во светската нафтена индустрија, не само поради големите резерви, туку и поради стратешките транспортни коридори. Особено значаен е Ормускиот теснец на излезот од Персискиот залив, низ кој поминува значителен дел од глобалниот извоз на нафта.

Од Finance Think сметаат дека историски гледано, секоја сериозна закана за безбедноста на овој транспортен коридор предизвикува нагло зголемување на цената на нафтата на светските пазари. Достапните информации велат дека цената на нафтата Брент во вакви услови обично реагира со силна волатилност, одразувајќи ја зголемената премија за геополитички ризик.

На 9 март 2026 година, цената на суровата нафта од типот Брент ја надмина психолошката граница од 100 долари за барел и достигна нивоа слични на оние забележани во неделите по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Ваквите шокови според експертите  имаат потенцијал да се пренесат и во домашните економии преку каналот на цените на енергијата, транспортот и производствените трошоци.

„Во просек зголемувањето на цената на нафтата е поврзано со зголемување на инфлацијата, иако силата на оваа врска е релативно умерена, а во голема мера одредена и од големите порасти на општото ниво на цените во 2022 и 2023 година, чии извори беа пошироки од цените на енергентите и вклучуваа глобални нарушувања во синџирите на снабдување, раст на цените на храната и силно закрепнување на побарувачката по пандемијата. Ваквата слика е економски очекувана. Нафтата претставува важен инпут во транспортот, енергетиката и голем број производствени процеси. Оттука, растот на нејзината цена постепено се пренесува во цените на разни добра и услуги. Сепак, бидејќи македонската економија има и други фактори кои влијаат врз инфлацијата, врската не е совршено силна и се карактеризира со значителна варијација“, велат од Finance Think

Од  Finance Think сметаат дека зголемување на цената на нафтата од 10 проценти, во просек, доведува до зголемување на општото ценовно ниво од околу 0.1 процент. А тоа покажува дека непосредниот инфлаторен ефект од нафтените шокови е релативно ограничен.

Според експертите, постојат неколку причини за ваквиот резултат, и тоа – цените на горивата во Македонија се регулирани и се формираат според методологија утврдена од Регулаторната комисија за енергетика, која ги ревидира цените периодично врз основа на движењата на светските цени и курсот на доларот. Овој механизам создава временско задоцнување и делумно ја амортизира непосредната трансмисија на глобалните ценовни шокови кон домашните цени на горивата. Дополнително, директната тежина на горивата и транспортните услуги во потрошувачката кошница е ограничена, што значи дека дури и релативно поголеми промени во нивните цени имаат умерено влијание врз агрегатниот индекс на трошоците на живот. Како битен фактор експертите го посочуваат тоа што компаниите често ги пренесуваат повисоките енергетски трошоци во цените на своите производи постепено, со одредено временско задоцнување, што дополнително го ублажува непосредниот ефект врз инфлацијата.

„На долг рок, проценките варираат помеѓу двата модели. Моделот на авторегресивни дистрибуирани задоцнувања укажува на долгорочен ефект од дополнителни околу 0.25 процентни поени на инфлацијата, додека моделот на векторска корекција на грешка сугерира значително посилен пренос од околу 1.65 процентни поени, при зголемување на цената на нафтата за 10 проценти. Ова укажува дека долгорочниот инфлаторен ефект од нафтените шокови може да се движи од умерен до релативно силен“, стои во анализата на ФТ.

Во однос на динамиката на прилагодување, експертите велат дека резултатите укажуваат дека процесот на враќање кон долгорочната рамнотежа е релативно бавен. Нивниот ефект врз општото ценовно ниво е релативно умерен. Краткорочно, дури и значајно зголемување на цената на нафтата има ограничен ефект врз инфлацијата, додека долгорочниот ефект се материјализира постепено преку трошоците на производството, транспортот и услугите и може да биде позначаен.

Еден од заклучоците на ФТ е дека во вакви услови, економските политики треба внимателно да го следат развојот на глобалните енергетски пазари и потенцијалниот пренос на ценовните шокови во домашната економија. Иако актуелниот нафтен шок најверојатно нема да создаде силен непосреден инфлаторен удар, во случај на екстремно и нагло зголемување на цената на нафтата потребно е Владата да биде подготвена да реагира.

Препораката до вастите е, во таква ситуација, најсоодветен инструмент за ублажување на ценовниот удар би била привремена интервенција преку даночно-акцизната структура на горивата, со цел делумно да се амортизира преносот на глобалниот ценовен шок врз домаќинствата и компаниите. Ваквата интервенција треба да биде временски ограничена и внимателно дизајнирана, со цел да се зачува фискалната стабилност и да се избегне нарушување на пазарните сигнали на подолг рок.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП