Применети технологии и дигитализација како двигатели на економскиот развој. Ова не е апстрактна визија за иднината, туку означува развој кој веќе подолго време е реалност и за пазарот во Македонија, а ќе биде одлучувачки и за конкурентноста на земјата и во иднина. Вака компаниите со германски капитал ги советуваат македонските бизнис здруженија и креаторите на политиките во земјава што е потребно или неопходно, за раст на економијата.
Германските компании кои инвестираат во земјава се многу повеќе од работодавачи или компании со производствени капацитети. Тие се двигатели на применетата технологија, на структурираните процеси и на дигиталната зрелост. Од нивната стопанска комора велат дека германските инвеститори не носат само капитал во земјата, тие носат и стандарди, системи, но и менаџерска култура.
Токму поради тоа додаваат дека со автоматизирани процеси, дигитални системи за управување и сè почесто со апликации базирани на вештачка интелигенција, се поставуваат јасни импулси за поголема ефикасност, повисока продуктивност и меѓународна конкурентност.
„Без разлика дали станува збор за автоматизирани производствени линии, дигитална оптимизација на процесите, апликации поддржани со вештачка интелигенција или современи модели кои имаат примена во областа на човечките ресурси, како и системите на дуално образование, многу од технолошките и организациските напредоци што денес ги гледаме во Северна Македонија носат јасен печат на германските инвеститори“, велат од Комората на германски компании.
Инаку, германските компании се глобално признати како понудувачи на иновативни технолошки и дигитални решенија и на тој начин поставуваат меѓународни стандарди. За нив дигитализацијата одамна не е само ИТ-тема. Таа ги менува производствените модели, но го менува и начинот на управување. Истовремено, бара нови квалификациски профили и создава нови очекувања кон корпоративната култура. Токму тука се надоврзува Германско-Македонскиот бизнис самит 2026.
И.П



