ПочетнаЕКОНОМИЈАЛетување по пониска цена - март е последната шанса за попусти

Летување по пониска цена – март е последната шанса за попусти

Летувањето за многу семејства станува сè поголем трошок, но туристичките агенции уверуваат дека морето не мора нужно да биде луксуз. Сѐ зависи од тајмингот. А според нив, март е последниот момент кога може да се фати добар аранжман по пониска цена.

Периодот на таканаречениот „ран букинг“ полека се приближува кон крајот. Станува збор за понуди што агенциите ги отвораат уште во зима, кога хотелите и туристичките комплекси нудат значителни попусти за да ги наполнат капацитетите навреме. Оние што резервираат во овој период можат да заштедат и до 25 проценти од вкупната цена на аранжманот.

За едно четиричлено семејство тоа не е мала разлика. Напротив. Понекогаш станува збор за неколку стотици евра помалку.

Туристичките агенции велат дека интересот годинава е солиден, особено за дестинациите кои традиционално ги избираат македонските туристи.

На врвот и понатаму се грчките летувалишта, пред сè Халкидики, Тасос и Паралија, но расте интересот и за Турција, каде хотелите често нудат поатрактивни пакети со вклучена храна и дополнителни услуги.

„Во овој период најголем број резервации се прават токму поради попустите. Луѓето веќе знаат дека ако чекаат до мај или јуни, цените почнуваат да се зголемуваат“, објаснува сопственик на туристичка агенција од Скопје.

Според него, најбараните термини, средината на јули и првата половина од авгус, најбрзо се распродаваат. Кога тие ќе се пополнат, остануваат само поскапите опции или помалку атрактивни хотели.

Многумина и понатаму се надеваат на таканаречените „last minute“ понуди. Но туристичките работници предупредуваат дека тоа не секогаш е сигурна стратегија.

„Last minute понекогаш има, но тоа е ризик. Може да се случи да има слободни места, но може и да нема. Особено ако сезоната е добра“, велат од една агенција.

Попуст од 20 до 25 проценти во пракса може значително да ја намали цената. Ако еден седумдневен аранжман чини околу 900 евра, попустот може да го спушти на околу 700. За некого тоа значи дополнителни пари за патни трошоци, за некого – повеќе денови на море.

Интересно е што последниве години се зголемува и бројот на граѓани кои аранжманите ги плаќаат на рати. Туристичките агенции нудат можност летувањето да се подели на неколку месечни уплати, што за многу семејства е полесно отколку една голема сума одеднаш.

Во меѓувреме, цените на сместувањето во дел од медитеранските земји продолжуваат постепено да растат. Причините се различни – од инфлацијата и зголемените трошоци за енергија, до големата побарувачка во туристичките региони.

Затоа, туристичките агенции и оваа година испраќаат иста порака до клиентите: кој сака поевтино летување, треба да размислува порано.

Летото можеби изгледа далеку кога календарот покажува март. Но во туристичката индустрија тоа одамна е дел од сезоната. Резервациите веќе се прават, хотелите се полнат, а попустите полека исчезнуваат.

И на крајот останува старата дилема што секоја година ја имаат многу семејства: дали да резервираат сега и да заштедат… или да почекаат, па да ризикуваат. Морето, сепак, секогаш е исто. Само цената се менува.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП