ПочетнаЕКОНОМИЈАКој ја плаќа цената на старите привилегии во пензискиот систем?

Кој ја плаќа цената на старите привилегии во пензискиот систем?

Државата секој месец исплаќа милиони евра за пензии, а редиците пред банките на први во месецот се секогаш исти. Стари лица со бастуми, луѓе што едвај чекорат, некои со папки во рака и со поглед што зборува повеќе од зборовите. Повеќето живеат тешко.

Но зад таа слика се крие и една друга, многу понепријатна приказна – дел од тие пензии никогаш не биле вистински заработени.

Во Македонија одамна постои парадокс. Пензиите се мали, често понижувачки. Но системот што ги создавал со децении бил полн со дупки.

Некои луѓе работеле 40 години и едвај стигнале до минимална пензија. Други, пак, со многу пократок стаж или со „креативни“ биографии успеале да стигнат до далеку повисоки примања.

Старите работници од фабриките најдобро ја знаат разликата. Металци, текстилци, рудари. Луѓе што ги поминале младите години на машини, во прашина, со ноќни смени. Кога се пензионирале, ги чекале неколку стотини евра. И толку.

„Работев 38 години во фабрика. Пензијата ми е нешто над 17.000 денари“, вели пензионер од Скопје, поранешен машинобравар. „А има луѓе што со 20 години работа земаат повеќе од мене. Па како?“

Одговорот лежи во долгата историја на привилегии, политички услуги и административни акробации.

Во поранешниот систем постоеле десетици категории со повластено пензионирање. Полиција, војска, одредени јавни служби – дел оправдано, дел помалку.

Потоа дојде транзицијата. Фабрики се затворија, луѓе останаа без работа, а државата во некои случаи „решаваше проблем“ со предвремени пензии.

Така настанаа генерации пензионери што реално не ги исполниле сите услови, но системот ги турнал во пензија за да се смири социјалниот притисок.

И тука приказната станува уште покомплицирана.

Имаше и лажни стажеви. Додадени години. „Корекции“ во документација. Работни места што постоеле само на хартија. Сето тоа со текот на времето влезе во пензискиот фонд како факт.

А фондот, се разбира, мора да плаќа.

Денес бројките се сурови. Во Македонија има речиси колку вработени – толку и пензионери. Соодносот е опасно блиску до точката каде системот почнува да се лизга.

Младите плаќаат придонеси. Старите чекаат пензии. Буџетот постојано интервенира за да ја затвори дупката.

Но вистинската неправда се чувствува на друго место – меѓу самите пензионери.

Во секоја населба може да се слушне истата реченица. „Не е проблем што пензијата ми е мала. Проблем е што некој што работел половина од мене зема повеќе“.

Токму таму довербата во системот почнува да се распаѓа.

Секако, не може сите да се стават во ист кош. Илјадници луѓе чесно го поминале целиот работен век. Плаќале придонеси, не прескокнувале стаж, не барале врски. Нивните пензии се реално заработени.

Но сенката од неправдите од минатото останува.

И денес, кога се отвора темата за зголемување на пензиите, државата се соочува со истото прашање: како да им помогне на луѓето што навистина го заслужиле тоа, а притоа да не го награди системот што со години бил крпеница од привилегии.

Проблемот не е само во висината на пензиите. Проблемот е во тоа како се стигнало до нив.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП