Продолжува солидната динамика на растот. Ризиците значајно се зголемија. Потребна е понатамошна фискална претпазливост за целосно смирување на инфлацијата. Ова е главната констатација за испорачаните резултати на македонската економија во последните три квартали од ланската година. Во продолжение следува целокупното објаснување од страна на експертите од Институтот за економски анализи Finance Think
Во четвртиот квартал од 2025, БДП ја задржа динамиката од претходниот квартал и порасна за 3.8% на годишна основа. Со тоа, целата 2025 година се заврши со реален раст од 3.5%. Oваа стапка на раст беше и прогнозата токму на Finance Think кои излеоа со проекцијата во декември 2024 година. Според Finance Think во периодот од октомври до декември лани растот е повеќе воден од личната потрошувачка кој изнесува 2% и извозот 9.7% за разлика од претходниот квартал кога голема улога имаа бруто инвестициите, а кои во овој квартал бележат пад од -3%.
„Растот на личната потрошувачка за целата 2025 (2.2%) е одраз на растот на доходите, и особено на платите (номинално 9.6%) и на кредитите на домаќинствата (10.4%). Јавната потрошувачка благо забрза во четвртиот квартал (6.4%), а растот во текот на целата 2025 (5.3%) е во линија со остварениот буџетски дефицит од 4%, кој е одраз на ограничена фискална консолидација. На производната страна, растот во овој квартал е на релативно широка основа како и претходно, но продолжува да биде воден од градежништвото (14.6%)“, стои во анализата на Finance Think.
Кога ќе се анализира невработеноста во четвртиот квартал од 2025 таа се намали незначително, на 11.4% од 11.5%. Институтот за економски анализи смета дека зголементата активација на населението 52.8% од 52.5%, придонело вработеноста да се зголеми на 46.8% од 46.5%. Сепак, неформалната вработеност, или работата на црно иако во овој квартал се намали, останана високо ниво од 12.7% од вкупната вработеност, сметаат експертите. Стапката на слободни работни места од 2.14% се зголеми од 2.02% во претходниот квартал на 2025 година. Тоа упатува дека недостигот од работници останува хроничен и потенцијално интензивирачки, а најпогоден сектор е угостителството и туризмот.
„Во четвртиот квартал од 2025, инфлацијата само благо забави на 4.2% на годишна основа (од 4.4%). Упорната инфлација и понатаму е главно сврзана со ефектите од порастот на доходите врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 4.4%). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна.“
Динамиката на економијата се очекува да продолжи во текот на 2026. Основната претпоставка за ваквото очекување е отсуство на значајна материјализација на надворешните ризици, особено на геополитичките тензии на Блискиот Исток поврзани со Иран, кои би можеле да предизвикаат нарушувања на глобалните енергетски пазари, трговските текови и економската стабилност. На домашната сцена клучна е консолидирана фискална политика. Проекцијата за растот на БДП во 2026 останува 3.8%, а за инфлацијата 2.7%.
И.П



