Драстичниот скок на цените на нафтата и гасот на светските берзи потсетува на нешто „веќе видено“ или, како што би рекле Французите, „дежа ву“.
Сценариото што го доживеавме само пред четири години, на почетокот на војната во Украина, се повторува, кога избувна енергетска криза од која сè уште не сме целосно опоравени, а нова веќе е на повидок.
Израелско-американскиот напад врз Иран и затворањето на Ормутскиот теснец, низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта и исто толку течен природен гас (LNG), првенствено од Катар, еден од најголемите светски производители на оваа енергија, се заканува да предизвика нова енергетска криза.
Цената на нафтата Брент се зголеми од почетокот на конфликтот за околу 25 проценти и достигна нешто повеќе од 80 долари за барел. Цената на природниот гас на холандската берза TTF во еден момент скокна за дури 100 проценти и достигна 65 евра за мегават-час. Во меѓувреме, таа падна на околу 50 евра, што донесе барем краткорочен одмор на пазарот.
Пред четири години, војната во Украина ја зголеми цената на нафтата на 120 долари за барел, додека природниот гас во Европа скокна на 340 евра за мегават-час.
Таквиот енергетски шок предизвика и силно зголемување на глобалната инфлација, со која земјите ширум светот сè уште се борат одржувајќи високи каматни стапки.
Иако зборуваме за настани на Блискиот Исток, кои на прв поглед изгледаат далеку, светот денес е глобално село и сè што „се случува некаде далеку“, и те како тоа влијае на Европа и Македонија.
Европа би можела да биде особено погодена ако војната на Блискиот Исток продолжи и Ормутскиот теснец остане затворен за транспорт на нафта и течен природен гас (LNG) долго време.
Иако Европа не е најголемиот купувач на нафта и течен природен гас од Блискиот Исток, главни купувачи на регионот се Кина и Индија. Ако овие две земји останат без енергетски производи од Блискиот Исток, тие би можеле да ги побараат кај европските добавувачи, што би ја зголемило конкуренцијата.
На тој начин, Европа би се соочила со тешко снабдување со гас и нафта, додека посилната побарувачка од Кина и Индија дополнително би ги зголемила цените на овие извори на енергија.
Не е случајно што некои економски аналитичари велат дека нападот на Доналд Трамп врз Иран всушност е насочен кон Кина, најголемиот потрошувач на нафта во светот и големиот економски ривал на Америка. Слично сценарио беше и во Венецуела, која беше исто така клучен снабдувач на нафта за Кина.
Ситуацијата во Европа во моментов е дополнително чувствителна бидејќи европските складишта за гас се полни само околу 30 проценти. Многумина се надеваат дека март и април ќе останат топли, бидејќи посилен студен бран би можел да предизвика нови проблеми.
Што се однесува до Македонија, таа сигурно ќе ја сподели судбината на Европа и остатокот од светот.
Македонија ќе биде под влијание на порастот на цените на нафтата и гасот. Веројатно ќе успее да обезбедува доволни количини нафта, но по повисоки цени, што ќе се одрази на зголемувањето на цената на дизелот и бензинот.
Македонија нема да остане имуна на растот на инфлацијата, која успеа да ја спушти до 3,2 проценти.
На крајот на краиштата, последиците од војната најмногу ги погодуваат обичните луѓе – без разлика дали ќе ги изгубат животите или ќе платат за поскапа електрична енергија, гориво и храна. Обичните луѓе остануваат најголемите жртви на секоја војна, дури и ако се илјадници километри оддалечени од фронтот.



