ПочетнаЕКОНОМИЈАВторник и петок како празник - луѓето што живеат за лов на...

Вторник и петок како празник – луѓето што живеат за лов на стара роба

Петок, рано наутро. Импровизираниот пазар во Трубарево уште не се разбудил целосно, ама „редовните“ веќе кружат меѓу тезгите.

Некој со раце в џеб, друг со торба преку рамо, трет со онаа специфична концентрација во погледот – како хирург пред операција. Само што наместо скалпел, тука алатот е трпеливоста. И малку среќа.

Во време кога дел од граѓаните ја чекаат следната пратка од онлајн продавници, има и такви што со иста возбуда го чекаат вторник или петок. Бувљакот им е ритуал. Не доаѓаат затоа што им треба нешто конкретно. Доаѓаат затоа што можеби ќе најдат нешто. А тоа „можеби“ е доволно.

Еден од нив, со насмевка што ја крие под бркови, вели дека неодамна купил двоглед за 15 денари.

„Работи како швајцарски часовник“, додава. Пред тоа – стар фотоапарат за 60 денари. Патики – 20 денари. „Носени, ама не од мене“, се шегува.

Дома, признава, веќе нема каде да става. Од игла до локомотива – буквално. Но, кога ќе види нешто што „има душа“, не може да го остави.

Аналитичари што го следат однесувањето на потрошувачите велат дека ова не е само обично пазарење.

Тоа е форма на колекционерство, но и бегство од стерилната униформност на новата стока. Во време на масовно производство и идентични производи, старите предмети носат приказна. Или барем илузија за приказна. А човекот, велат експерти, отсекогаш бил слаб на приказни.

Познавачи на пазарите забележуваат дека многумина од овие редовни купувачи не се луѓе без пари. Напротив. Дел од нив можат да си дозволат нови работи, но не сакаат.

„Овде има лов“, вели еден продавач додека мести стари часовници на ќебе. „Кога ќе најдат нешто вредно за ситни пари, тоа им е адреналин“. И навистина, во очите на купувачите се чита моментот кога ќе здогледаат нешто што другите не го забележале.

Психолози објаснуваат дека чувството на „најдов богатство“ активира ист механизам во мозокот како и секоја друга добивка. Мал триумф. Мал доказ дека си бил попаметен од другите. А цените – 15, 20, 60 денари – само го засилуваат впечатокот дека системот е надмудрен.

Но приказната има и друга страна. Во некои станови, подруми и гаражи, предметите се трупаат до точка на апсурд. Кутии врз кутии. Кабли што „можеби ќе затребаат“. Три двогледи, четири фотоапарати, шест пара патики.

Сè евтино, сè „штета да се фрли“. Експерти предупредуваат дека границата меѓу хоби и натрупување понекогаш е тенка. Многу тенка.

Сепак, на самиот пазар, таквите размислувања се далечни. Таму важи друго правило – ако не го земеш ти, ќе го земе некој друг. И така, вторник по вторник, петок по петок, кругот се повторува. Некој ќе си замине со стар радиоприемник под рака, друг со кожна јакна од некое минато време, трет со кутија полна непотребни – но неопходни – ситници.

„Жена ми вика дека сме музеј“, се смее еден од редовните посетители. Па замолчува на момент. „Ама секој предмет има приказна. Барем јас така си мислам…“

И можеби токму во тоа е суштината. Не во 15-те денари за двогледот, ниту во 60-те за фотоапаратот. Туку во чувството дека си спасил нешто од заборав. Дека си му дал нов живот. Или барем нов агол на полицата.

Во ерата на брза испорака и еднократна употреба, бувљакот останува место каде времето се движи побавно. Таму купувањето не е клик, туку разговор. Не е кошничка, туку пазарење. И не е секогаш разумно.

Но, разумот ретко бил главниот мотив на колекционерите. Понекогаш доволна е само една стара, прашлива работа што ќе ти намигне од тезга и ќе ти шепне – земи ме.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП