Кардиолозите предупредуваат на грешка што многумина ја прават наутро, со што го загрозуваат здравјето на срцето
Начинот на кој го започнуваме денот може да има силно влијание врз остатокот од денот, особено кога станува збор за здравјето на нашиот кардиоваскуларен систем. Не ви е потребна строга и напорна рутина или нереални мотивациски мантри за да бидете здрави. Понекогаш е доволно само да избегнете навидум безопасна навика.
Секако, лекарите овде не зборуваат за очигледни пороци како утринска цигара. Кардиолозите предупредуваат на дневна рутина што им се нашла под кожа на сите, а која може да му наштети на здравјето, многу повеќе отколку што мислиме.
Не посегнувајте веднаш по телефонот
Без разлика дали проверувате известувања, читате деловни пораки или паѓате во бесконечна спирала на скролање низ социјалните мрежи и негативни вести, експертите советуваат да избегнуваме да гледаме во екранот барем првиот час по будењето.
„Не станува збор само за хормоните на стрес. Станува збор за тонот и темпото што го поставувате за вашиот ден“, објаснува д-р Александра Карази, торакален хирург.
Освен фактот дека утринското „скролање“ може да предизвика вознемиреност, ненадеен стрес и чувство дека пропуштаме нешто (т.н. FOMO синдром), тоа одзема драгоцено време. Тоа време би можеле да го искористиме на многу поздрави начини: подготовка на квалитетен појадок, кратка утринска прошетка, истегнување или едноставно опуштање и пиење на вашето прво кафе со вашето семејство.
Премногу информации и премалку движење: Смртоносна комбинација
„И акутниот и хроничниот психолошки стрес се директно поврзани со висок крвен притисок и срцеви заболувања, вклучувајќи срцев удар и срцева слабост“, предупредува д-р Пол Бела, кардиолог и професор по медицина. „Ако гледањето во вашиот мобилен телефон наутро ви предизвикува стрес, сите тие познати медицински врски важат и за вас.“
Покрај стресот, премногу време пред екран во раните утрински часови често оди рака под рака со недостаток на физичка активност, додава д-р Ченг Хан Чен, интервентен кардиолог. На долг рок, ова драстично го зголемува ризикот од метаболички нарушувања, висок холестерол, дебелина и дијабетес тип 2.
Како паметно да го започнете утрото?
Наместо да посегнувате по телефонот штом ќе ги отворите очите, д-р Карази предлага да се движите, идеално надвор на природна светлина.
„Кратка прошетка, неколку едноставни истегнувања на сонце или јога можат да направат чуда за вашето тело.“
Интернетот и социјалните мрежи не се наши непријатели, но само ако ги користиме со јасни граници. Ова значи: без екран веднаш по будењето или непосредно пред спиење. Ако го започнете вашето саботно утро со мир и без дигитален стрес, вашето срце ќе ви биде благодарно до крајот на викендот.



