Случувањата во Македонија помеѓу синдикалните организации и властите ги дозна и Европската Конфедерација на Синдикати. Од оваа евроспска мрежа на синдикати изразуваат целосна солидарност и силна поддршка на Сојузот на синдикатите на Македонија, на раководството и на сите негови синдикални членови.
Сметаат дека е многу загрижувачки тоа што заложбите за подобар живот на синдикатите од земјава власта ги објаснува само како политички подготвен потег кој е инспириран на сегашната опозиција. Такво нешто за синдикатите од Европа не е дозволиво. Овие реакции доаѓаат по неуспешните преговори од кои ССМ и властите не договорија зголемување на платите во Македонија.
Како членка на Европската Конфедерација на Синдикати ССМ е важен дел од Европското синдикално движење. Од ЕСК велат дека внимателно ги следат случувањата и се сериозно загрижени од извештајот за притисоци и напади насочени кон ССМ и неговите синдикални лидери и синдикални претставници.
Во писмениот допис на европските синдикати се наведува дека напорите и заложбите за одбрана на работничките права, промовирање на фер минимални плати, обезбедување соодветно зголемување на платите и зајакнување на колективното договарање се целосно легитимни и се од големо значење. Според нив тие ги одразуваат реалните потреби на работниците кои се соочуваат со зголемување на трошоците на живот и зголемена економска несигурност.
„Вашето залагање за пристојни услови за живот и работа е во сржта на синдикалното дејствување и е цврсто засновано на меѓународните и Европските стандарди на трудот. Особено сме загрижени од пријавите и извештаите за лично таргетирање и заплашување што несомнено има за цел влијание врз претставниците на синдикатите и нивните семејства. Ваквите дејствија се апсолутно неприфатливи и некомпатибилни со демократските принципи“, велат од ЕСК.
Слободата на здружување, колективното договарање и правото на преземање синдикална акција, активности и чекори, вклучително и штрајк, се фундаментални права заштитени со Конвенциите на МОТ и Европските инструменти за човекови права. Овие права мора да се почитуваат и во Законите и во праксата, се наведува до дописот. Од Европската конфедерација на синдикати велат дека цврсто стојат на страната на ССМ.
„Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата и каде што е потребно да изразуваме загриженост на Европско ниво. Имате целосна солидарност и поддршка“, велат од ЕСК.
Синдикалците од земјава само во последниот месец организираа три протести пред просториите на работодавачите, прес законодавниот дом и пред владината зграда на Илинденска. На собирите се бараше поголема плата, односно просечната плата да се зголеми за 100 евра а минималецот да достигне 600 евра. Ваквите барања властите ги оценија како опозициски, а дури и се појави видео снимка на која се гледа првиот човек на ССМ со неговите малолетни деца, што предизвиока жестоки реакции во јавноста.
И.П



