Во Дубаи, пожар избувна во близина на влезот на луксузниот хотел Fairmont The Palm, предизвикан од остатоци што паднаа од небото за време на ирански ракетен напад.
Снимките од пожарот и чадот станаа вирални на социјалните мрежи, а нивната автентичност ја потврди и Sky News.
Медиумската канцеларија во Дубаи потврди дека службите за итни случаи интервенирале поради „инцидент“ во зграда во областа Палм Џумеира. Тие објавија дека четири лица се повредени и префрлени во медицински установи. Додадоа дека пожарот е ставен под контрола и рекоа: „Ја повикуваме јавноста да остане смирена“.
Хотел со врвни содржини
Според информациите од веб-страницата на агенцијата Туи, станува збор за луксузен хотел кој им нуди на гостите врвни ресторани, наградуван спа центар и базени со поглед на градот.
Иранските државни медиуми јавуваат дека е извршен нападот во Дубаи. Министерството за одбрана на ОАЕ објави дека пресретнало нов бран ирански ракети и беспилотни летала. Не беше објавено која била целта на нападот, но американските воени сили се стационирани во Емиратите, објавува Ројтерс.
Fairmont Dubai Palm on fire. Heard loud explosion, stay safe pic.twitter.com/HLo8oS6dSc
— Alex | The Modern Freelancer (@alex_tfmg) February 28, 2026
Иран нападнат
Да ве потсетиме дека Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран утрово, 28 февруари. Најмалку три експлозии се слушнаа во Техеран, главниот град на Иран, а беа погодени и голем број други ирански градови.
Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека нападот ќе ја прекине безбедносната закана за САД и ќе им понуди на Иранците можност да ги соборат своите владетели. Израелската влада прогласи вонредна состојба поради очекуваната иранска одмазда со беспилотни летала и балистички ракети.
Пентагон објави дека нападот на САД бил наречен „Епски гнев“. Израелците, од друга страна, ја нарекуваат својата операција „Лавов рик“. Иран возврати со испукување ракети кон Израел, објави израелската армија, Иран изврши и напади врз американски воени објекти во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Катар…



