Она што пред две години го најави македонската компанија „Comsove“ — дека ќе започне со продажба на електрични автомобили произведени во Кина и дека ќе се појават на европскиот пазар во 2024-та година — би требало да се оствари оваа година, најавил претставник на компанијата кој го контактирал хрватски „Forbes“.
„Forbes“ наведува дека преднарачките неодамна се отворени и дека автомобилите наводно ќе бидат достапни оваа година.
Погледот на листата на европски производители на автомобили на Википедија покажува дека Македонија има два производители на автомобили. Едниот на листата е „Sanos“, познат по производство на автобуси уште од времето на поранешна Југославија, а другиот е „Comsove“ — бренд кој, според онлајн извори, е со седиште во Македонија. Автомобилите наводно се произведуваат во градот Дежу, во кинеската покраина Шандонг, пишува „Forbes“.
„Forbes“ истакнува дека, според претходната верзија на главната веб-страница на „Comsove“, нивните модели требало да се нудат во Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и во други земји од регионот. Веб-страницата оттогаш е изменета и содржи помалку информации, а банерот што го најавува отворањето на преднарачките за електричниот автомобил „Comsove Meliq“ останува дел од амбициозно најавената флота.
Високи цени за SUV и мини автомобил
Објавената цена за електричниот теренец „Comsove Meliq“ на веб-страницата на компанијата е прилично висока во споредба со слични модели од други производители и изнесува 48.950 евра, со промотивна цена за преднарачка од 45.950 евра. За тие суми може да се купат и возила од познати кинески производители кои веќе се продаваат во регионот.
Со оглед дека целата содржина на веб-страницата е на англиски јазик, може да се претпостави дека „Comsove“ таргетира европски купувачи.
„Forbes“ пишува дека на интернет постои и македонска верзија на страницата, каде што се отворени резервации за малиот електричен модел „Comsove Firiq“. Но, тие не успеале да ја лоцираат, освен одредени објави на Инстаграм.
Според „Forbes“, цената за резервација е 185 евра, а со резервација цената на моделот се намалува од 19.850 на 17.850 евра. Сепак, целиот процес изгледа одложен, со оглед дека на страницата е наведено дека првите испораки се очекувале во летото 2024-та година.
Според информациите што ги наведува „Forbes“, „Firiq“ е електричен автомобил долг 2,85 метри, со моќност од 25 kW и максимална брзина од 90 километри на час. Возилото има литиумска батерија со капацитет од 23 kWh и максимален дострел од 380 километри.
Сомнителни детали
Претставникот на „Comsove“, Кан Џеладин, телефонски изјавил за хрватски „Forbes“ дека резервациите започнале, но дека возилата ќе пристигнат за четири до шест месеци. Тој не одговорил навреме на дополнителните прашања испратени по електронска пошта, но одговорот пристигнал кратко по објавувањето на статијата.
Тешко е да се процени дали „Comsove“ навистина ќе започне со продажба. На веб-страницата нема информации за сервисната мрежа што би ги одржувала возилата од оваа марка.
Врската до подеталните услови за преднарачка моментално води кон празна страница, а и страницата за кариера отвора дополнителни прашања.
Според неа, „Comsove“ бара различни профили на кадар во Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, но без подетални информации за позициите.
Описот на компанијата на нивната веб-страница
Место на раѓање
„Comsove“ е родена во Скопјe, главниот град на Македонија, и расте од ден на ден, носејќи ги своите иновативни решенија за електрична мобилност и енергија до глобална публика.
Глобални продажни и логистички операции
Управувани од Лондон, глобалните продажни и логистички операции на „Comsove“ ја координираат меѓународната дистрибуција, обезбедувајќи ефикасна испорака и поддршка на сите пазари.
Духот на брендот
Чудостојната хармонија на балканскиот пејзаж ја инспирира „Comsove“, обезбедувајќи ја и основата и енергијата што ја движат нејзината производствена извонредност. Вкоренета во природната рамнотежа и виталност на регионот, оваа средина ја поттикнува посветеноста на компанијата кон иновации, прецизност и одржлив развој во електричната мобилност и независните енергетски решенија.
Модели и целни пазари:
„Atiq“ (Комбе / 28.000–30.000 евра): Европа, Латинска Америка, Северна Африка
„Heliq“ (Мини-камион / 8.000–10.000 евра): Европа и Балканот
„Eliq“ (Кросовер SUV / 33.000–37.000 евра): Првично достапен во Кина, со планирана продажба во Европа од 2027-ма година
„Meliq“ (Средна големина SUV / 45.000–49.000 евра): Моментално во фаза на претходна нарачка
Изјава од компанијата
Кан Џеладин: Во блиска иднина, возилата на „Comsove“ ќе бидат присутни на патиштата во многу земји истовремено Сите електрични возила на „Comsove“ во моментов се произведуваат во Кина. Би сакале да ве потсетиме дека започнавме преговори со европска земја во врска со фабрика за склопување во Европа. Поради доверливост, не би можеле да ги објавиме деталите и името на земјата во оваа фаза. Дистрибутер за Балканскиот регион за „Comsove“ е „Ideal Horizon Group“ (IHG). „Comsove“ е име на автомобилски бренд. Продажбата на возила започнала во неколку латиноамерикански земји. Наши целни пазари се Северна Африка, Латинска Америка, Европа, Балканот и Турција.
Нашата сервисна мрежа е составен дел од нашата политика за задоволство на клиентите. Како дел од нашата Програма за дилери, ние обезбедуваме силни мрежи за услуги или стратешки партнерства за услуги во сите земји каде што работиме или планираме да работиме, со цел да обезбедиме високо ниво на задоволство на клиентите. Во текот на оваа година, планираме да воведеме нов модел во сегментот возила за микро градови.



