Европската комисија (ЕК) ќе лансира нова иницијатива со цел да се обезбеди полесен пристап до кредитна поддршка за земјите членки на Европската унија (ЕУ) што граничат со Русија, Белорусија и Украина, се наведува во соопштението на извршното тело на Унијата.
Иницијативата, наречена „EastInvest Facility“, е дел од стратегијата за источните региони на ЕУ што граничат со Русија, Белорусија и Украина, усвоена од ЕК минатата недела, со цел да им помогне на овие земји да се справат со предизвиците во услови на тековната руска агресија врз Украина.
„EastInvest Facility“ претставува наменска платформа за финансирање на источните региони на ЕУ, која ги обединува Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Нордиската инвестициска банка, Банката за развој на Советот на Европа и националните промотивни банки на деветте земји членки погодени од војната во Украина: Финска, Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија.
Платформата ќе го олесни пристапот до заеми и советодавна поддршка за приватните и јавните носители на проекти во источните региони на ЕУ, со цел да се поттикне економскиот раст, да се развие трговијата и да се зајакне безбедноста.
Четирите финансиски институции учеснички проценуваат дека механизмот ќе обезбеди најмалку 28 милијарди евра приватни и јавни инвестиции во овие региони.
„Создавањето на наменската платформа ќе овозможи подобра координација меѓу релевантните инвеститори и ќе обезбеди висок степен на комплементарност и синергија на нивните интервенции во источните гранични региони“, истакнува ЕК.
„EastInvest“, исто така, ќе го координира кредитирањето и советодавната поддршка, вклучително и за локалните јавни власти во источните гранични региони. Платформата ќе одговори на инвестициските потреби идентификувани во стратегиите за развој на регионите што граничат со Русија, Белорусија и Украина преку насочена кредитна поддршка од институциите учеснички.
Иницијативата ќе биде промовирана на настан во Брисел, организиран од европскиот комесар за кохезија и реформи, Рафаеле Фито, каде што ЕИБ и другите меѓународни финансиски институции и национални промотивни банки ќе ја потпишат декларацијата за оваа алатка.
Настанот ќе го отвори претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, а на него ќе учествуваат претседателката на ЕИБ, Надија Калвино, и високи претставници од деветте засегнати земји, кои ќе разговараат за предизвиците и можностите за обезбедување просперитет во источните гранични региони на Европа.
Меѓу учесниците се премиерката на Естонија, Кристен Михал, претставници од Литванија и Латвија, како и од Романија, покрај Надија Калвино.



