Европа сè уште може да ги искорити придобивките од вештачката интелигенција, дури и без да биде лидер во развојот на модели, изјави гувернерката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.
„Ако историјата е некаков водич, поголемата економска награда можеби не лежи во производството на овие алатки, туку во нивната примена во пошироката економија“, рече Лагард, истакнувајќи ги особено производствените и индустриските процеси.
Во овој поглед, „Европа почнува од позиција на сила“, додаде таа, цитирајќи студија која покажа дека производствените фирми од Европската Унија (ЕУ) се пред своите американски конкуренти во употребата на вештачка интелигенција и големи податоци, како и во распоредувањето на роботиката.
„Индустриската база на Европа, понекогаш сметана за наследство од старата економија, може да се покаже како нејзин најважен капитал“, нагласи Лагард.
За Европа се смета дека далеку заостанува зад САД во усвојувањето и иновациите во вештачката интелигенција. Во извештајот од 2024-та година на поранешниот претседател на ЕЦБ, Марио Драги, се вели дека клучна причина за слабата продуктивност на регионот е тоа што не успеа да ја искористи првата дигитална револуција. Во меѓувреме, САД и Кина го зголемуваат своето водство.
Во меѓувреме, тензиите растат околу изборот на наследник на Лагард, која неодамна изјави дека би можела да замине пред да заврши нејзиниот мандат. Некои членови на управниот совет на ЕЦБ се длабоко загрижени од недостатокот на цврст одговор на шпекулациите.
Внатрешните тензии доаѓаат во деликатно време за ЕЦБ. Додека централните банкари ја вратија инфлацијата околу нивната цел од 2% и велат дека каматните стапки се на „добри нивоа“, еврозоната се соочува со мноштво ризици кои бараат внимание и потенцијално брза акција.



