Геотермалната енергија користи топлина од под површината на Земјата за греење и ладење на згради и производство на електрична енергија. Но, лесно достапните извори се ретки и покриваат само околу 1% од глобалната побарувачка за електрична енергија, според извештајот на Меѓународната агенција за енергија (IEA).
Во исто време, сепак, постои растечка побарувачка за геотермална енергија, која е чиста и конзистентна, од технолошките центри. Се очекува тие да ја зголемат глобалната потрошувачка на електрична енергија за 300% до крајот на оваа деценија. Технолошките компании се покажуваат како долгорочни инвеститори во чиста енергија, влевајќи пари не само во геотермални проекти, туку и играјќи улога во оживувањето на нуклеарната енергија, каде што плановите обично траат подолго за да се спроведат.
Податоците на „IEA“ покажуваат дека во 2025-та година, инвестициите во користењето на геотермални извори за проекти поврзани само со урбаното греење достигнаа 11,5 милијарди долари. Компаниите сè повеќе користат нови методи за да стигнат до претходно недостапни ресурси, а некои од овие техники се базираат на знаењето што нафтената индустрија го стекнала со изворите на енергија од шкрилци.
Во развојот на нови технологии за користење на геотермална енергија во 2025-та година беа инвестирани 2,2 милијарди долари, што е зголемување од 80%.
До неодамна, производителите на геотермална енергија можеа да се потпрат на цените што купувачите ги нудат на сончевите и ветерните електрани – 30-60 долари за мегават час. Сега, меѓутоа, интересот на технолошките компании веќе дозволува цени до 130 долари за мегават час, што исто така го поттикнува развојот на вакви проекти. Долгорочните договори за купување геотермална енергија веќе се потпишани од матичната компанија на „Google“, „Alphabet“, како и од „Meta“.
Трката за ретки земни елементи, исто така, дава поттик на развојот на секторот, бидејќи литиумот често се наоѓа во водата. Може да се екстрахира директно и ова е поврзано со пониски трошоци од рударството.
Но, геотермалните проекти кријат и многу ризици во развојот, а интересот од технолошките компании се чини недоволен за да се обезбеди стабилен раст на новите технологии, пишува и „IEA“. Според аналитичарите, потребна е и институционална поддршка за геотермалната енергија да се прошири, бидејќи тие се оценети како премногу ризични за веќе етаблираните компании.



