Добриот бизнис план не е формалност што се подготвува само за да се задоволи банка или потенцијален инвеститор.
Според деловни експерти и аналитичари, тој ги удвојува шансите за успех на секој бизнис.
Не затоа што документот сам по себе носи магија, туку затоа што создава структура, јасност и дисциплина таму каде што најчесто владее ентузијазам без рамка.
Професионалците од областа на претприемништвото укажуваат дека компаниите со јасно дефиниран и добро напишан бизнис план имаат значително поголема веројатност да ги реализираат целите што самите си ги поставиле.
Тоа не се однесува само на профитот. Станува збор за раст на продажбата, стабилизација на трошоците, проширување на пазарот, подобра организација на тимот.
Со други зборови – за секој поединечен сегмент што бил внимателно испланиран.
Она што често се занемарува е моментот кога идејата мора да се соочи со бројките. Додека е во глава, секој концепт изгледа изводлив. Но кога ќе се стави на хартија – кога ќе се пресметаат реалните трошоци, ќе се анализира конкуренцијата и ќе се дефинира стратегијата за привлекување клиенти, тогаш станува јасно дали замислата стои на цврсти нозе или на оптимизам.
Аналитичарите предупредуваат дека токму тој процес на „приземјување“ е клучот.
Бизнис планот ја тера компанијата однапред да размисли за ризиците, за можните сценарија и за алтернативите ако работите не се одвиваат според очекувањата.
Наместо импровизација, се создава насока. Наместо хаотични реакции, се гради стратегија.
Во пракса, разликата станува особено видлива во моменти на нестабилност. Фирмите без јасен план најчесто реагираат ад-хок, носат одлуки под притисок и често ја менуваат насоката.
Оние што имаат дефинирана стратегија, пак, имаат појдовна точка. Планот не ги штити од кризи, но им дава рамка во која можат рационално да одлучуваат.
Секако, ниту еден план не е гаранција за успех. Пазарите се менуваат, трошоците растат, навиките на потрошувачите се непредвидливи.
Но според проценките на стручњаците, компаниите што систематски ги дефинираат своите цели и ги преточуваат во структуриран документ имаат двојно поголеми шанси да ги постигнат.
Не затоа што така „треба“, туку затоа што јасната насока создава фокус.
На крајот на краиташтата, прашањето не е дали бизнис планот вреди труд.
Прашањето е зошто некој би влегол во деловна авантура без мапа. И би очекувал дека ќе стигне таму каде што замислил… без притоа да знае точно каде е патот.
Б.З.М.



