Вториот месец од годинава полека го трошиме, а ништо посебно не се случува во македонската економија. Се е по старо. Газдите кукаат, работниците бараат повеќе, властите креваат раменици. Состојба која веќе одамна е актуелна во Македонија. Опозицијата глуми многу загрижена и се прави дека заборавила дека и таа на ист начин постапувала пред две години, а експертите испраќаат старо-нови планови за раст и развој на македонската економија.
Во време кога никој не е задоволен од живеачката, ниту тие што имаат, а уште помалку тие што немаат, македоската економија се движи во „лер“ без никоја да ја поттурне или придвижи да за побрза. Бизнисот е тој кој во континуитет алармира дека мора да се стави фокус на поддршка на извозно ориентираните компании, дека само со производи со дополнителна вредност ќе може Бруто домашниот производ да порасне, а тоа значи и повеќе пари кај граѓаните. Големите фабрики или индустрии бараат државата да им биде партнер во создавањето бизнис клима, и да земе активно учество во предизвиците кои доаѓаат од надвор, се со цел подобар пласман на нивните производи на кои веќе им паѓа конкурентноста на меѓународните пазари. Малите бизниси пак кубурат со работен кадар, а уште потешко им паѓа кога ќе им се каже дека треба да ја зголемат платата на тие што уште им работат во фирмите или се мислат кога да заминат од државата, денес или за некоја недела.
„Нема економски развој без економска инфраструктура, која влијае врз деловните можности, но и врз вкупната привлечност на земјата за работа и инвестирање. Инфраструктурните проекти се еден од главните двигатели на градежниот сектор, и затоа Владата ја охрабруваме порешително да продолжи да инвестира во клучни проекти за подобрување на транспортната и енергетската инфраструктура, кои создаваат и нови работни места. Настојувањето на бизнисот е домашните компании да учествуваат и во јавни проекти, што ќе ги стимулира и нивните капацитети за раст, и како главни изведувачи на капиталните проекти во земјата за да ја поттикне способноста за иновации и создавање нови економски вредности“, сметаат од Стопанската комора.
Доколку се прашаат властите тие веднаш ќе кажат дека напорно работат на подобрување на живеачката на граѓаните. Ги зголемуваат платите, ја намалуваат невработеноста, ги подобруваат условите на работните места, градат инфраструктура, се борат против сивата економија и слични бенефити кои значат благосостојба за сите во државата.
„Нашата политика е јасна – стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард. Ќе продолжиме со дисциплина во приходите, со одговорност во трошењето и со чувствителност кон реалните потреби на граѓаните. Сивата економија е изгубен приход за државата, изгубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии. Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој што работи чесно. Нашата цел е јасна – формалната економија да стане попривлечна од неформалната, да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално“, сметаат од владата.
Годинава сите влегоа со голем оптимизам за економијата, како ќе се одвива тоа и како ќе заврши ќе се знае на крајот на декември, до тогаш се останува на трите засегнати страни, работниците, работодавачите и креаторите на економските политики.
И.П



