Рафтовите во маркетите овие денови се шаренолики од натписи „плати едно – земи две“, а понекогаш и „плати едно – земи три“.
Јогурт, овошни десерти во чаша, колбаси и виршли, чипс и апетисани – производи што секојдневно завршуваат во кошничките, одеднаш стануваат „неодолива зделка“.
На прв поглед, нема ништо спорно. Акциските продажби се редовна трговска практика, присутна насекаде во светот, начин да се привлечат купувачи и да се зголеми прометот.
Но зад шарените етикети и крупните бројки понекогаш се крие непријатна вистина. Дел од овие производи, велат потрошувачи, се со изминат рок на употреба.
„Го зедов јогуртот затоа што беше на акција, две по цена на едно. Дури дома видов дека рокот истекол пред неколку дена“, раскажува скопјанка која сакаше да остане анонимна. „Не е проблем попустот, проблем е што некој се обидува да ти продаде нешто што не треба да стои на рафт“.
Слични реакции има и за овошни десерти во чаша и месни производи како колбаси и виршли, кои често се дел од ваквите понуди.
Чипсот и апетисаните не се исклучок. За дел од купувачите, акцијата значи можност за заштеда во време кога секој денар се брои. За други, пак, ваквите понуди се причина внимателно да го проверуваат датумот на пакувањето, па дури и двапати.
Трговците не го кријат фактот дека акциските продажби се алатка за зголемување на продажбата и расчистување на залихите. Тоа само по себе не е спорно. Спорно станува кога производот веќе не ги исполнува условите за продажба. Тогаш „плати едно – земи две“ престанува да биде маркетинг и станува ризик.
Од здруженијата за заштита на потрошувачи предупредуваат дека секој производ со поминат рок мора веднаш да биде повлечен од продажба, без оглед дали е на акција или не.
„Законот е јасен – безбедноста на храната не смее да биде предмет на компромис“, велат оттаму, додавајќи дека граѓаните треба да пријавуваат доколку забележат неправилности.
Инспекциските служби, пак, уверуваат дека вршат контроли, но признаваат дека системот функционира најдобро кога и самите купувачи се внимателни.
Потрошувачите велат дека не очекуваат чуда, туку основна коректност.
„Никој не бара да ни подаруваат нешто. Само да не ни продаваат со поминат рок“, вели друг купувач.
И навистина, линијата меѓу добра зделка и лоша пракса е тенка – речиси невидлива додека не го свртите пакувањето и не го прочитате датумот.
Акциите ќе продолжат, тоа е дел од пазарната логика. Но останува прашањето колку внимателно се контролира што точно се нуди под превезот на попустот.
Зашто едно е да се намали цена за да се привлече купувач, а сосема друго е да се искористи довербата. И тука приказната… па, не завршува тука.
Б.З.М.



