Осмиумот се смета за најскапиот и најредок нерадиоактивен метал на Земјата, а неговата цена може да достигне и до 20.000 долари по грам, што е дури 400 пати повеќе од златото.
Златото дури на петтото место
Иако важи за симбол на богатство, златото се наоѓа дури на петтото место меѓу највредните метали. Неговата цена изнесува околу 50 долари по грам и широко се користи во накитот и индустријата.
Пред него е иридиумот, познат по исклучителната отпорност на хемиски влијанија, поради што е неопходен во ракетни мотори и сателити. Неговата цена достигнува околу 70 долари по грам.
Третото место му припаѓа на паладиумот, метал што има голема примена во автомобилската индустрија, електрониката и накитот. Просечно, секој модерен автомобил содржи околу пет грама паладиум. Неговата цена е околу 100 долари по грам.
Родиумот – до 4.000 долари по грам
На второто место е родиумот, исклучително редок метал чија годишна светска продукција е помала од една тонa. Најчесто се користи во автомобилски катализатори за намалување на штетните емисии. Неговата цена може да достигне и до 4.000 долари по грам.
Зошто осмиумот е најскап?
Осмиумот е најредок стабилен елемент во Земјината кора и има најголема густина од сите стабилни елементи – речиси двојно поголема од онаа на оловото. Исклучително е отпорен на корозија и, кога ќе се кристализира, добива специфичен сјај налик на дијамант.
Швајцарски научници во 2013-та година откриле метод за кристализација на осмиумот, со што станал безбеден за ракување и употреба во накит. Токму кристалната форма е највредна и најбарана на пазарот.
Ограничена понуда, огромна побарувачка
Пазарот на кристализиран осмиум со висока чистота е строго регулиран и со многу ограничена понуда. Поради тоа се смета за долгорочна и ретка инвестиција што тешко може да се фалсификува.
Во 2025-та година, еден грам кристален осмиум се проценува на околу 10.000 долари, додека цената за примероци со исклучителна чистота може да биде и значително повисока.
Инвеститорите најчесто купуваат таканаречени „инвестициски дискови“ – компактни парчиња осмиум, чии помали верзии започнуваат од 1.000 до 1.500 долари. Поголемите инвестициони примероци можат да достигнат и до 150.000 долари.
Иако родиумот често се наведува како еден од најскапите метали, кристалниот осмиум поради својата густина, реткост и ограничена достапност се смета за уште поексклузивен.
Осмиумот се користи во луксузен накит, но и во високопрецизни индустриски и медицински апликации. Поради неговата вредност, најчесто се чува во специјални трезори.



